| | |

„Унгарски свет“ или светот на Орбан, новиот Тито за РС Македонија

Пишува: Атанас Величков

По заминувањето на „рускиот играч“ Александар Вулин (во инаку „неутралниот“ тим на српскиот претседател Александар Вучиќ) од позицијата шеф на српската безбедносна служба БИА, иницијативата „Отворен Балкан“, што е пред се фактички приказ на идејата за т.нар. „Српски свет“, ќе треба да почека подобри денови за да дојде повторно на сцена и да ги „огрее“ душите на тие што ја гледаа, како спасувачки појас за своите политички, научни и новинарски кариери.

„Отворен Балкан“ или „Српски свет“ ќе остане само една локална политичка игранка на опортунисти, кои ќе останат во најновата светска историја како вечните „чекачи“.

Токму затоа власта во РС Македонија започна да си бара нов „свет“ во кој да најде спас, па макар и на одредено време. Во истиот тој „свет“ полн со убаво вино и гулаш, својот спас го најде и поранешниот премиер на тогаш Република Македонија Никола Груевски. Тие што го пуштија Груевски да замине, сега бараат излез, таму од каде веќе неколку години им се смешкаат во лице и им велат „не ви го враќаме премиерот“.

Посетата на унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто на РС Македонија и насмеаното лице на неговиот домакин- првиот дипломат на земјата Бујар Османи, одново ни ја покажаа онаа брутална лицемерност на политичката елита што ја има запоседнато државата. Истата елита, која што си мисли дека со рецитирање на сиромашни од кај содржина фрази и реченици, ќе убеди некого на исток од Осогово, дека сака да ја врати довербата во меѓусебните односи.

Би било повеќе од наивно да се надеваме Османи да внесе малку разум по „поетските напори“ на Сијарто, како посилно да ја навреди Бугарија. Унгарскиот дипломат дури го спомна и веќе непостоечкото вето, како „страшен потег кој го поткопува кредибилитетот“ на Европската Унија. Ветото, за кое зборува Сијарто, не постои од летото на минатата година, кога во бугарскиот и во парламентот на РС Македонија беше изгласан т.нар. Француски предлог. Во духот на истиот тој европски предлог во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на РСМ беше јасно наведено дека земјата треба да ги спроведе потпишаните договори со Бугарија и Грција во целост. Во извештајот се потенцира фактот дека во случајот со Договорот за добрососедство, пријателство и соработка потпишан со Бугарија, во спроведувањето влегуваат и потпишаните меѓусебни протоколи на ниво Министерства за надворешни работи.

Османи се однесуваше како извештајот да е нешто што нема никакво значење за европската интеграција на земјата и најде за пригодно само да ги потсети „добрите пријатели“ на Сијарто, големите патриоти од четничкото здружение ДПМНЕ дека треба да ги подржат уставните измени. А тие, како што сите знаеме се нешто сосема „бенигно“.

Османи дури не го потсети својот гостин дека вето од бугарска страна веќе нема и дека во моментот политичката елита во Скопје се блокира сама, со негласањето за уставните измени и не на последно место со неисполнувањето на Договорот со Бугарија заедно со протоколите кон него.

За да биде програмата на политичкиот циркус во продукција на Унгарија и РСМ целосна првиот дипломат на најистурениот играч на Путин во Европа Виктор Орбан, Петар Сијарто, кој вербално покажува загриженост за „европскиот кредибилитет“, се заканува на земја, која со покачувањето на транзитните такси за рускиот гас, што поминува низ нејзината територија, удира по Гаспром и по финансирањето на режимот на Путин, кој во моментот, ако некој има заборавено, заради војната во Газа, води војна против Украина, со цел нејзиното уништување и враќањето на светот во времето на Студената војна. Кажано, поинаку Србија, Унгарија и РС Македонија наместо да си побараат други извори на енергенси, координирано ќе ја напаѓаат Бугарија, затоа што одлучила да стави такса плус 10 евра за 1 мегават час, на рускиот гас, што поминува низ цевката изградена на нејзина територија и со пари на нејзините даночни обврзници.

По неславниот крај на „Отворен Балкан“, иницијатива, што може да се нарече пелена за соголените задни делови на т.нар. „Српски свет“, РС Македонија има потреба од нов свет во кој што да најде „заштита“ од лошите Бугари и Албанци. „Унгарскиот свет“ на Виктор Орбан е излез од напнатата ситуација.

Во „светот на Орбан“ нема „невоспитани“ странски амбасадори, кои прашуваат на јавни трибини и преку медиумите, каде се милионите што ви ги дадовме за реформи во судството. Во светот на Орбан ги нема и досадните состаноци на историската комисија, чии членови земаат хонорари за тапкање во место, нема протоколи, во кои се зборува за прекин на говорот на омраза кон еден соседен народ и држава, нема отворање на архиви на поранешни безбедносни служби. Во светот на Орбан се блиските односи со Русија на Путин и Србија на Вучиќ, таму е и поранешниот премиер Груевски. Таму во „Унгарскиот свет“ е новиот Тито, ама во неговиот период пред 1948 г. и Информбирото, а каква подобра заштита за многувековниот македонски идентитет и јазик, можеме да бараме од еден лидер, што може да биде Тито за сите нас? Не можеме, нели?

Токму и поради тоа, екстрадицијата на Груевски не е прашање на надворешно политичката комуникација, туку е прашање на судските органи и на министерствата за правда коишто си комуницираат во тој дел, како што вели Османи. Со други зборови, тоа е еден непријатен муабет, кој може да попречи идното здружување на РСМ со Унгарија, како одговор на „одвратното“ според Сијарто однесување на Бугарија. Затоа, министерствата за правда нека му ја мислат, Османи и Сијарто се сретнале за нешто сосема друго.

Дел од тоа другото, веќе ни беше најавено и би требало да се случи наредната година, кога „братска Унгарија“ ќе претседава со ЕУ. Ќе стиснеме сите заби, ене го каде е летото на 2024, а оние, на кои не им се чека, нека си побараат „други извори за преживување“ пред бугарските конзуларни претставништва во Скопје и Битола и пред бугарското Министерство за правда. Македонците се на пат да го најдат својот нов Тито, оти без Тито тешко се живее…



Слични Објави