УНИЦЕФ: Образовниот систем на Северна Македонија е во тешка криза
Северна Македонија се соочува со тешка криза во образованието. Повеќе од две третини од учениците имаат слаби резултати во читањето, математиката и природните науки, покажуваат резултатите од најновата програма за меѓународно оценување на учениците (PISA), изјави вчера претставничката на УНИЦЕФ во земјата, Лесли Милер, пренесува Актуално.
Македонските средношколци се рангирани на 71 место (од 81 земја) по јазична писменост, 61 по математика и 68 во Европа по природни науки, соопшти минатата година Министерството за образование и наука при објавувањето на резултатите од ПИСА 2022 година.
PISA е еден од најпознатите и најсигурни меѓународни системи кој ја мери писменоста, односно применливото знаење кое му е потребно на ученикот за да го продолжи своето образование и да успее во личниот и професионалниот живот. Задачите во тестовите се поврзани со реални ситуации во кои може да се најдат учениците, а одговорите не го мерат репродуктивното, туку функционалното знаење, кое е важно за поврзување, разбирање и решавање проблеми.
Еден од клучните фактори за состојбата во Северна Македонија е недоволното време за учење. Македонските ученици учат околу 900 часа помалку од просечното. Образовниот систем не го приспособил целосно начинот на кој ги организира ресурсите, на пример структурата на училиштето, наставниот кадар и финансирањето на училиштата. „Има многу можности за подобрување на ситуацијата“, нагласи Милер.