| |

Управата за водење матични книги му се извини на Јакимовски за тоа што наместо венчаница неговиот син и снаа добиле умреница

Управата за водење на матичните книги упати јавно извинување до градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски кој претходно денес објави дека неговиот син и снаата побарале венчаница, а добиле умреница.

Од Управата велат дека бил направен увид и утврден е пропуст.

„Административниот службеник, вработен во Управата за водење на матични книги – Подрачно одделение Скопје во краток рок ќе биде санкциониран согласно Законот за административни службеници. Јавно се извинуваме на семејството на градоначалникот на Општина Карпош г-дин Стевчо Јакимовски за немилиот настан“, велат од Управата.

Јакимовски претходно денес се пожали дека неговиот син и снаата, наместо извод од Матичната книга на венчаните лица, добиле извод од Книга на умрените и денот на нивната венчавка е впишан како денот на нивната смрт.

„Скандал. Од црн по црн хумор. Замислете, мојата снајка и мојот син побараа извод од Матичната книга на венчаните, чекаа два и пол часа и го добија овој извод. Извод од Матичната книга на умрените. Денот на нивната венчавка е впишан како ден на смртта. Овие млади луѓе се во шок, можете да замислите секоја годишнина од бракот на што ќе ги потсеќа“, вели Јакимовски.

Потпишана е, како што објасни, Дијана Антониевиќ, веројатно, како што додава, кадар на СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ бидејќи „не е Албанка, не може да е на ДУИ“, вели Јакимовски.

Слични Објави