УШТЕ ЕДЕН ХРИСТИЈАНСКИ ХРАМ ВО ТУРЦИЈА СТАНУВА ЏАМИЈА

Турскиот претседател Ердоган ја претвори историската црква во Карије, една од најпознатите византиски базилики во Истанбул, во џамија. Пренамената се случува само еден месец откако истата судбина ја снајде и Аја Софија.

Средновековната Црква на светиот спасител во Карије (Хора), изградена во близина на античките градски тврдини на Константинопол, содржи византиски мозаици од 14 век и фрески кои прикажуваат сцени од библиски приказни. Тие биле покриени откако градот бил освоен од отоманите во 1453 година, но повторно откриени откако, како и Аја Софија, црквата беше претворена во музеј од турската секуларна република пред 70 години.

Ердоган, чија партија АКП има основа во политичкиот Ислам, се позиционира себеси како заштитник на муслиманите, а минатиот месец им се придружи на илјадници верници за време на првата молитва во Аја Софија по 86 години.

Потегот беше остро критикуван од црковните лидери и некои западни земји кои оценија дека претворањето на Аја Софија во џамија за муслиманските верници може да го продлабочи верскиот јаз.

Минатиот месец суд во Турција на поништи владината одлука од 1945 година со која Карије (или Хора) беше претворена во музеј.

Денеска, уредба потпишана од Ердоган и објавена во турскиот службен весник, наведува дека „управувањето со џамијата Карије се префрла на Директоратот за верски прашања, и се отвора за молитви“.

Црква на тоа место за првпат била изградена во 4 век, но поголемиот дел од актуелниот објект датира од црква од 11 век која била делумно реконструирана 200 години подоцна по земјотрес.

Извор: Deutsche Welle