Утре напладне ќе продолжи седницата за избор на нова Влада
Утре во 12 часот ќе продолжи седницата за избор на новата Влада. Собранието ја започна расправата за изборот на новата Влада по експозето на мандатарот Димитар Ковачевски, кој рече дека фокусот на владината програма е на граѓаните, економијата и на справување со последиците од пандемијата и енергетската криза. Тој додаде дека не се потребни нови избори, а најави зголемување на пензиите и раст на минималната и просечната плата и реформи во образованието. Во однос на спорот со Бугарија, Ковачевски рече дека разговорите ќе продолжат и ќе бидат интензивирани без да биде загрозен идентитетот на народот.
Собранието утре ќе ја продолжи седницата на која се дебатира за новата Влада, а за која пратениците ќе гласаат најдоцна до полноќ.
За избор на Владата е потребно просто мнозинство од 61 глас, а доколку биде изгласана Владата на Ковачевски, ќе биде единаесеттата од прогласувањето на независноста на државата во 1991 година.
Димитар Ковачевски беше избран за лидер на СДСМ откако претходниот претседател на партијата Зоран Заев поднесе оставка по изборниот пораз на локалните избори кои се одржаа во октомври 2021 година. Заев тогаш истовремено даде оставка и од премиерската функција.
Ковачевски го доби мандатот за составување на новата Влада од претседателот Стево Пендаровски. Новата владина коалиција е составена од СДСМ со нивните предизборни коалициски партнери, ДУИ и ДПА, а потоа се приклучи Алтернатива со што вкупно 64 пратеници ја поддржуваат владата.