Утре започнува јубилејното, 30-то по ред издание на Саемот на книгата

„30 години читаме со задоволство”, е слоганот на јубилејниот, 30-ти по ред Саем на книгата кој започнува утре, а ќе трае до 9 мај. Саемот го организира Скопски саем, под покровителство на Министерството за култура на РМ, а ќе се одржува во ВИП Арена „Борис Трајковски“…

Организаторите соопштуваат дека најавено е учество на околу 70 издавачки куќи од Македонија и од регионот: Србија, Црна Гора, Косово, Албанија.

Покрај изложбено-продажниот дел, предвиден е посебен простор за т.н. Промотивен центар каде ќе се одвиваат настаните. Дел од програмата на Промотивниот центар е и доделувањето на наградите во организација на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) што е закажано за сабота, 5 мај во 18 часот, како и доделувањето на награди организирано од Здружението на издавачите и книжарите на Македонија (ЗИКМ) што ќе биде во вторник, на 8 мај во 19 часот.

Сите што ќе го посетат Саемот на книгата ќе можат да ги проследат промоциите кои ги организираат издавачките куќи на своите штандови, да ги видат сите нови наслови, но и да набават книги со големи саемски попусти до 70 отсто.

За подобар пристап до Саемот, на барање на Скопски саем, ЈСП воведе две нови автобуски линии од различни краеви на Скопје со број 100/1 и 200/1 кои ќе водат до ВИП Арена „Борис Трајковски”, а влезот за сите групни, организирани посети на ученици ќе биде бесплатен. Работното време на Саемот е од 10 до 20 часот. Цената на редовната влезница изнесува 30 денари.

Слични Објави