В ГОДИНА РУСИТЕ ЌЕ ЈА ТЕСТИРААТ ВАКЦИНАТА ПРОТИВ КОРОНАВИРУСОТ ВРЗ ДЕЦА

Националниот истражувачки центар „Гамалеи“ во Русија планира да почне со тестирање на вакцината против коронавирусот врз деца во јануари-февруари в година.

Ова го најави директорот на Центарот, Александар Гинцбург, пренесува „Спутник“.

„Почнавме да подготвуваме пакет-мерки,бидејќи институтот никогаш не спровел тестови на деца. Педијатрите ги знаат тие специфики, па заедно со нив подготвуваме документација што ќе ја доставиме до Министерството за здравство за да можеме да спроведеме тестови на деца, но дури кога ќе ги завршиме сите тестирања врз возрасните“, рече Гинцбург.

Според него, тестирањето на деца ќе почне во зима затоа што третата фаза од тестирањето на вакцината против коронавирусот кај возрасните ќе трае приближно пет месеци. Речиси 2.000 пациенти ќе учествуваат во оваа фаза на испитување.

„Се надевам дека вакцината ќе биде погодна за деца, но според рускиот закон, вакцината може да се тестира на деца само кога ќе помине целиот циклус на тестирање кај возрасните. Затоа, кога ќе ја завршиме третата фаза на тестирање, ќе ни биде дозволено тестирање на лица под 18 години“, објасни Гинцбург.

Директорот на Институтот за транслациска медицина и биотехнологија при Универзитетот „Сеченов“, Вадим Тарасов, рече дека е рано да се зборува за употреба на вакцината кај деца потенцирајќи дека тие не спаѓаат во ризичната група и полесно се толерираат.

Министерот за здравство на Русија, Михаил Мурашко, претходно објави дека се завршени клиничките испитувања на вакцината против коронавирусот во Русија и дека ова е вакцина што ја развива Националниот истражувачки центар за епидемиологија и микробиологија „Гамалеи“.

Извор: Макфакс