Вакцини за Сарафов

///

Пишува: Атанас Величков

Во Бугарија во прво одделение се учи една многу поучна приказна насловена „Сливи за смет“. Смет во превод на милениумски јазик значи ѓубре. Значи „Сливи за ѓубре“. Приказната раскажува за еден мудар човек, кој одлучил на итар (во позитивната смисла на зборот) начин да најде вредна сопруга за својот син. Разменувал сливи за ѓубре. Ја наполнил својата запрежна кола со сливи и тргнал по селата викајќи на цел глас „Сливи за смет, сливи за смет“. Домаќинкиве од селата се спобудалеле од среќа, кога слушнале дека, некаков лик им нуди сливи за ѓубрето што ќе си го исчистат од дома, поубав бизнис амин. Се потепале, која повеќе ѓубре да му однесе на мудриот селанец, но во сета гужва најголем впечаток оставила една симпатична девојка, која одела да си земе сливи, само со едно мало крпче со малку ѓубре во него… дадено од комшии. Главниот лик во приказната ја нашол снаата од соништата, девојката била толку педантична и се грижела за хигиената по дома што дури и ѓубрето што го носела во себе ѝ било дадено од друга домаќинка. Ја качил во запрежната кола и ја однел во својот дом, за да му биде снаа.

Во нашата приказна, излезена од најцрните и цензурирани тефтери на докажаните мајстори на хоророт браќата Грим, снаата од приказната за сливите е Македонија, сливите можат да бидат бугарските вакцини, а ѓубрето е споменикот на воениот лидер на Илинденското востание Борис Сарафов. Бугарија може да биде мудриот селанец, но се разбира, ако самата таа го посака тоа.

Гледајќи ја фотографијата со споменикот на Борис Сарафов која кружи низ социјалните мрежи, не можеме, а да не се запрашаме, колку малку ѓубре е потребно во физичка смисла за да изгледаат работите толку тажно.

Нема потреба дури од цело буниште, буквално ни треба едно крпче наше (не подарено) ѓубре, за да сфатиме, дека се навикнавме со „независното лудило“ што зетот на Стојан Мишев им го честиташе на постјугословенските Македонци пред 30 години.

Бугарското собрание изгласа донација на 50 илјади вакцини „Фајзер“ за Македонија. Вакцините треба да се аплицираат што е можно најбрзо, затоа што нивниот рок на траење е до крајот на месецот.



Што е можно најбрзо споменикот Борис Сарафов треба да биде прибран од буништето на фотографијата и единствената земја што може да го направи тоа е Бугарија. Споменикот на Сарафов е дислоциран од 2016 г., од тогаш кај нас се случија еден куп гадости и за жал многу малку убави нешта, затоа ги молам браќата од Софија, оние кои знаат колку голем и важен е за Бугарите од Македонија Борис Сарафов да не ни се лутат. Затоа и го пишувам овој текст, овој напис е повик за помош. Офицерот од бугарската армија и водач на најголемото востание во Македонија не смее по втор пат да заврши на буниште. Еднаш на буништето на историјата, како лик испратен таму од македонските припејд историчари и уште еднаш на буништето веќе како споменик, оставен и заборавен.

Вакцини за Сарафов…

Откако Заев ги „откри“ Бугарите во РС Македонија и ги поздрави за Денот на независноста 8 септември, не мислам дека ќе биде тешко да се открие, каде точно се наоѓа споменикот на Сарафов и истиот да се однесе на далеку попригодно место од сегашното. Му го должиме тоа на офицерот и комитата. Му го должиме, па макар гледајќи го и само преку симпатичната симплифицирана призма на заводник, кој собирал пари за делото, од своите богати аристократски љубовници.

Не плашете од моментот „Бугарите ни дадоа вакцини, ама ни го побараа Сарафов“. И кај нас, како и кај вас има многу антиваксери. На последните, последно гајле им е донацијата, нејзиниот рок на траење, а Сарафов не ни знаат кој е. Шутраци. Луѓето пак, што сакаат да се вакцинират, секако ќе ви бидат благодарни, а ако се запознаат со ликот и делото на револуционерот, ќе сфатат дека, ако Македонија не го цени, неговото место едноставно не е тука. Не е преголема филозофија.

Затоа одлучно и по законскиот ред побарајте го. Местото на Сарафов е на Пирин планина, таму од каде што потекнува. Без наративи и толкувања.

Претходна статија

(ВИДЕО) Вака експлодираше модуларната болница во Тетово

Следна статија

Илхан Ќучук во Скопје ?!

Најново од Истакнато