|

Вандали го осквернавиле гробот на убиената Махса Амини, втор напад во текот на последните месеци

Вандали го осквернавиле гробот на Махса Амини, 22-годишната девојка чија смрт во полицискиот притвор во септември минатата година предизвика антивладини протести низ Иран.

Фотографиите објавени од нејзиното семејство на Инстаграм покажуваат дека стаклената плоча што го покрива нејзиниот споменик е скршена, како и оштетена е нејзината слика на споменикот на гробиштата во западниот ирански град Сакез.

Братот на Махса објавил дека тоа е втор напад на нејзиниот гроб во последните неколку месеци, пренесе Би-Би-Си.

„Колку пати и да го скршат, ќе го поправиме“, рекол братот на Махса.

Адвокатот на семејството, Сале Нирбахт, во аудио порака рекол дека гробот бил осквернавен во неделата од поединци „познати по таквите невкусни постапки во минатото“.

Адвокатот изјавил дека иранските власти го попречиле поставувањето на заштитна настрешница над гробот, заканувајќи му се на локалниот заварувач дека ќе му ја прекинат работата доколку го направи тоа.

Амини почина во болница во Техеран на 16 септември, три дена откако беше приведена од полицијата во главниот град поради наводно прекршување на строгите правила на Иран кои бараат од жените да ја покриваат косата со хиџаб или марама.

Првите протести беа одржани по нејзиниот погреб во нејзиниот роден град Сакезу, кога жените во знак на солидарност ги симнаа шамиите.

Протестите брзо се проширија низ Иран, при што стотици луѓе беа убиени, а илјадници беа приведени во насилното задушување од страна на безбедносните сили.

 



Слични Објави