Величковски: Владата на Северна Македонија треба да ги поздрави резултатите од изборите во Молдавија, освен, ако не жали за поразот на прорускиот ‘Патриотски фронт’
Молдавија успеа да се спротивстави на малигните влијанија од Русија и проруските партии, оценува Ивон Величковски во своја објава на социјалната мрежа Facebook. Тој ja честиташе победата на Партијата на акција и солидарност (ПАС) предводена од претседателката Маја Санду, која обезбеди апсолутно мнозинство во парламентот.
„Ова значи дека Русија веќе нема сојузник на западната граница на Украина, но и дека ЕУ и НАТО добиваат сојузник во Молдавија“, нагласува Величковски.
Според него, резултатите од изборите се јасна порака до Брисел. Молдавските граѓани, и покрај високата инфлација и интензивната руска пропаганда, недвосмислено се изјасниле за европската иднина на земјата. „Полноправното членство на Молдавија во Европската унија сега е прашање на доследност – и на Кишињев, и на Брисел,“ пишува Величковски.
Тој дополнително посочува дека денес и Владата на Северна Македонија треба официјално да ги поздрави резултатите од изборите во Молдавија. „Освен, доколку не жали за неуспехот на прорускиот ‘Патриотски фронт’“, додава тој.
