|

ВЕСЕЛА МАТЕМАТИКА: ТРИ ЕКИПИ БРКААТ ДВЕ МЕСТА ВО ЕЛИТНАТА КУП-ЧЕТВОРКА!

Без разлика што до крајот на првенството има уште многу да се игра, претстојното коло од Првата лига (петок и сабота) ќе донесе две исклучително интересни пресметки од кои многу ќе зависат шансите на одредени екипи за што подобар пласман во Купот на Македонија.

Според правилникот за т.н. најмасовно натпреварување, токму распоредот на табелата по 11. рунда која се игра викендов ќе го реши изгледот на барабаните за четвртфиналната ждрепка односно кои четири екипи ќе бидат меѓу фаворитите, а кои четири меѓу условно кажано аутсајдерите. Во моментов, сигурно во првиот барабан се Блокотехна, која има скор 9-1 и која е слободна ова коло и Работнички, кој има учинок 8-1, додека МЗТ Скопје (7-2), Гостивар 6-3 и Фени индустри 6-3 се во игра за преостанатите две места.

Интересно е што две од овие екипи в сабота во директна пресметка ќе ги решат дилемите со оглед што Фени И. ќе им гостува на „металците“ од Аеродром. На кавадарчани им е неопходна победа од најмалку 26 поени разлика за да бидат сигурно во големата четворка, во случај Гостивар да го изненади Работнички на гостувањето во „Градски парк“. Во тој случај, неочекувани, би извисил актуелниот вицешампион од „Јане Сандански“, кој првиот дел од сезоната би ја завршил на петтото место. Во случај гостиварци да загубат во Центар, тогаш кавадарчани со обична победа би биле во горниот дел од табелата, заедно со МЗТ Скопје. Во ситуација ако и на двете саботни средби победат фаворитите, тогаш Гостивар би го комплетирал елитниот барабан пред ждрепката за Купот со оглед на подобрата кош-разлика во однос на ривалот од Кавадарци.

Битка ќе има и за последниот учесник на куп-завршницата односно за осмото место на табелата помеѓу АВ Охрид и Вардар. Охриѓани во моментов имаат една победа повеќе од конкурентот , што значи со триумф в сабота на домашен терен против Пелистер ќе ги решат сите дилеми. Ако загубат, тогаш им отвораат можност на „вардарци“ со триумф на гостувањето кај Кожув да дојдат до осмата позиција, а со тоа и до учество на фајналејт-турнирот од Купот на Македонија.

Извор: Sport1



Слични Објави