Ветрот во Загреб собори кран – објавена драматична снимка, невремето направи хаос
Силно невреме денеска го зафати Загреб, каде ветрот корнеше дрвја, носеше покриви, а обилниот дожд ги поплави улиците.
Снимен е трагичен момент во кој силниот ветер урива кран во кој има човек внатре, а надлежните служби се обидуваат да го извлечат.
„Сите линии на Итната помош се зафатени. Ве повикуваме да се јавите само во случај на екстремна вонредна состојба и животна опасност“, објави загребската противпожарна служба на својата страница „Фејсбук“.
Црни облаци се надвиснаа над градот, силните ветрови носеа дури и покриви и корнеа дрвја.
Метеоролозите за денеска најавија локално пообилни врнежи со грмежи, засилен ветер, а можна е и појава на град.
Силното невреме во Хрватска пристигна од Словенија, каде Агенцијата за животна средина прво издаде црвено предупредување само за западните и централните региони, а потоа и за цела Словенија.
Причина за честото невреме летово е невообичаено силниот ветер кој вообичаено во лето е многу послаб. Во исто време, силните ветрови се преклопуваат со голема атмосферска нестабилност, што доведува до создавање на посилни и подолготрајни бури, пренесуваат хрватските медиуми.
Според последните информации има двајца загинати и повеќемина повредени.