(Видео) Brass Brothers направија „земјотрес“ со нивниот нов сингл Balkan Mayhem

Не веруваме дека досега некој не присуствувал или во крајна мера не чул за Brass Brothers, еден од најпопуларните бендови во нашата земја од Битола. Момците со нивната опуштеност, харизма и неверојатната музика која ја свират, секојпат овозможуваат вистински да уживате во нивната забава. Нивната единственост остава впечаток кој не само што долго се помни туку и ве предизвикува веќе никогаш да не пропуштите нивни настап. И бидејќи секогаш се подготвени со изненадувања, овој пат за публиката го подготвија најголемото изненадување и нѐ израдуваа со нивниот нов сингл Balkan Mayhem.

Новото издание е инструментален експлозивен спој на дувачки инструменти со драменбејс, Балкан бит и џангл стил и одлично ја доловува силната и фуриозна атмосфера од живите изведби на еден од најенергичните македонски бендови.

Музиката ја потпишува Горан Мицевски Кус, додека аранжманот на песната е заедничко дело на Ненад Тодоровски – Todd Haze, Ристе Шандаров и Горан Мицевски Кус. Balkan Mayhem е снимена во студио Алшар во Скопје, додека Микс и Мастерингот се изработени од Пауло ПГ од Бразил.

Огромен придонес во музичката реализација на Balkan Mayhem имаат и долгогодишните музички брас соработници на Brass Brothers: Стефан Тасевски – Соло Алт Саксофон, Иван Трајаноски – Тенор Саксофон, Илија Мицев  – Соло Труба, Стефан Илиев  – Труба и Александар Нинич – Туба.

Видео записот за “Balkan Mayhem” е изработен со финансиска поддршка од Ганг Бистро – Вевчани и Liquid Caffe – Охрид. Како и останатите музички изданија на Brass Brothers и “Balkan Mayhem” e достапна за преслушување и купување на сите светски дигитални платформи и дигитални музички продавници.

Brass Brothers е формиран пред 8 години и во него членуваат Горан Мицевски Кус (тромбон), Костадин Бетоски (саксофон), Пере Мелов (труба), Николче Михајловски (Dj) и Ник де Карло (туба). Brass Brothers функционираат како кавер бенд препознатлив по динамичните живи настапи и зад себе  ги имаат авторските нумери Време Невреме на македонски јазик и Inseparable, Winner и Take My Hand на англиски јазик.

Слични Објави