(Видео) Бугарската поетеса Роза Бојанова ќе учествува на Меѓународниот поетски фестивал „Струшки вечери на поезијата“
Бугарската поетеса Роза Бојанова ќе учествува на Меѓународниот поетски фестивал „Струшки вечери на поезијата“ во Република Северна Македонија, кој ќе се одржи на 27 август во градот Струга, информираат од Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје.
Пред публиката на фестивалот, поетесата ќе чита песни од нејзиното дело „Преговор на волшебното“, дел од стихозбирката „Обратна гравитација“.
Ден подоцна, повторно во рамките на фестивалот, Бојанова ќе рецитира песни и во Скопје, на платото на Музејот на современа уметност. Пред почетокот на Стружките вечери на поезијата, поетесата го посети Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје и посочи дека со свои дела ќе ја збогати збирката на библиотеката на центарот.
Роза Бојанова е автор на поетските книги „Жедна вода“ (1984), „Биографија на чувствата“ (1990 г.), „Метафори“ (1996 г.), „Мастилна аура“ (1999), „Стихоприношенија“ (2003 г.), „Далечен диптих“ (2006), „Времиња“ „Три бугарски поетеси и еден македонски ликовен уметник“ (2007), „Медот на поезијата“ итн. Нејзините песни се преведени на англиски, руски, украински, грчки, турски, германски, романски, српски и други јазици.
Бојанова 25 години ги учи децата креативно пишување во книжевното студио „Митски птици“ при читалиштето „Л. Каравелов 1940″ во Бургас. Добитник е на национални книжевни награди за поезија именувани по Владимир Башев и Иван Пејчев, како и плакети на општина Бургас – Пегас и Христо Фотев. Организатор на мајските средби на славјанските уметници во Бургас “Свето слово” и на меѓународниот литературен конкурс за млади „Уметност против дрогата“.Поетесата е креатор на Есенските книжевни празници во Бургас.

