|

(Видео) ЦУК: Спасувачка акција за извлекување три 16-годишни момчиња заробени на островче до доцна во ноќта, од надојдената Треска во Скопско

Во 19.12 часот e добиена пријава за итен случај на 112 во ЦУК дека три момчиња останале заробени на своевидно островче на средина во реката, заради испуст на водата од хидроцентралата „Матка“, а и од хидроцентралата „Козјак“, што е редовен процес за континуирано производство на електрична енергија со што редовно навечер има нагло зголемување на водотекот низ коритото на реката Треска, а секако има и покачување на нивото на реката.

Заради наглото покачување на реката Треска трите момчиња останале заробени на специфичен повисок песочно-чакален дел на средина на реката, на своевидно островче и немале можност да преминат на безбеден брег, бидејќи биле опкружени од двете страни со силна и брза вода. Се работи за 16-годишни момчиња кои во тој момент биле под силен притисок на страв и паника.

Од ЦУК веднаш се контактирани дежурните во Полициска станица Сарај од кои е побарано да се упатат на локацијата каде што се наоѓаат трите момчиња и ако се во можност согласно процедурите соодветно да интервенираат. Инаку, паралелно, беше воспоставен контакт и со Црвен Крст на Скопје кои информираа дека нивните тимови се волонтерски и не се во можност соодветно реагираат при овој случај, велат од ЦУК.

ЦУК побара директно од диспечерите во хидроцентралите „Козјак“ и „Матка“ (браните) веднаш да го намалат истекот на вода со што ќе се овозможи извлекувањето и спасувањето на момчињата. Во меѓувреме од страна на тимот на специјалните сили беше направен еден обид со чамец да се спасат децата, но заради големата вода тоа не можеше во тој обид безбедно да се реализира заради исклучително брзата и силна вода во зголеменото корито на реката Треска. Беше потребно да се почека погоден момент, поточно требаше време да се намали силината и нивото на водата и откако беше сопрена водата да истекува од двете брани.

Околу 23.00 часот од страна на дежурните од Полициска станица Сарај е добиено известување дека, по намалување на водостојот на реката специјалните тимови на МВР и селаните од село Грчец, момчињата успешно и безбедно ги префрлиле со чамец по течението на реката, но од другата страна на островот што гравитира кон селото Грчец.

По спасувањето на момчињата, ЦУК ги извести хидроелектраните „Козјак“ и „Матка“ за да можат непречено да произведуваат електрична енергија.

Слични Објави