(Видео) „Добруџа повикува и се радува“ – мултимедијални презентации на Регионалниот историски музеј во Добрич, Бугарија
По повод 83-годишнината од потпишувањето на Договорот од Крајoва и враќањето на Јужна Добруџа во границите на Бугарија, на веб-страницата на Регионалниот историски музеј може да се видат мултимедијалните презентации „Добруџа повикува“ и „Добрич се радува“, јавува БНР-Радио Бугарија.
Богатиот фотографски материјал ги следи незаборавните настани од есента 1940 година. Во него се прикажани моменти од работата на бугарската делегација во романскиот град Крајова до потпишувањето на договорот на 7 септември, влегувањето на бугарската војска во Јужна Добруџа, што се одржало помеѓу 21 септември и 1 октомври 1940 година. Фотографиите ја доловуваат радоста на добруџанци, кои ги пречекуваат бугарските војници во Балчик и Тутракан на 21 септември, Добрич и Каварна на 25 септември и Силистра на 1 октомври.
Прикажана е и трагедијата на Бугарите од Северна Добруџа, кои со договорот биле принудени да се преселат на југ. Речиси 70.000 луѓе од Северна Добруџа се населени во градовите и селата на Јужна Добруџа. На презентациите се користени фотографии од фондовите на Историските музеи на Добрич, Силистра, Тутракан, Генерал Тошево и од богатата колекција на стари стаклени негативи на споменици на културата, фотографирани низ бугарските земји на почетокот на минатиот век, чувани од американското семејство Нели и Роберт Гипсон, познати како „Архива на Гипсон“.

