(Видео) Евроинтеграции и стратегии, каде заглави Македонија?
Бугарија е во комфорна зона – за да се придвижи европското тркало, Македонија мора да направи стратегија. Вака експертите ги анализираат последните случувања на релација Скопје – Софија, откако бугарската дипломатија испрати писмо до ЕУ членките дека македонската влада провоцира, јавува ТВ24. За изјавата на претседателот на Европскиот Совет Антонио Кошта, дека довербата е клучна и очекува напредок по локалните избори, експертите советуваат дека за почеток потребни се разговори со Софија и гаранциите треба да се бараат таму.
Ана Крстиновска претседателка на ЕСТИМА – За да има некакво придвижување ние треба да почнеме да работиме на нешто. Мојот впечаток е дека немаме стратегија – како сакаме да одиме понатаму. Имаме цела низа на еднострани иницијативи, кои што очекуваме дека ќе вродат со некаков плод, но во основа тие иницијативи како да се наменети за домашна публика, како целта да е, да се покаже – еве ние се обидуваме нешто да направиме иако знаеме тие иницијативи, како што беше Резолуцијата во Европскиот Параламент, на крајот на денот, не даваат никаков резултат.
Според Крстиновска европските лидери покажуваат разбирање за македонската страна, но владата континуирано треба да ги презентира македонските аргументи и позиции во Брисел – вклучително и писмо адресирано до членките и европските институции. Вели дека Бугарија е во тн комотна позиција – без притисок и во голема мера ситуацијата и одговара.
Ана Крстиновска – Да покажеме малку поголема констуктивност и да се обидеме и билатерално со Софија и на меѓународен план да ги пренесеме нашите позиции и нашите аргументи. Мислам дека тоа не го правиме доволно. Како држава треба да препознаеме што е она за што не можеме да преговараме, а кои се обврски – кои во моментов се спакувани како дел од пристапниот процес. Човековите права отсекогаш биле вредност кои што Европската Унија ја почитува и ја наметнува на државите членки. Ние треба да покажеме дека човековите права на бугарското малцинство во државата не се воопшто загрозени.
Пораката на Марта Кос дека во регионот се потребни лидери кои знаат да решат билатерални спорови, Крстиновска оценува дека е порака до Скопје, но и до Белград, Приштина и Сараево. Вели целта на оваа изјава е тоа што државите од регионот сметаат дека донесувањето на тешки одлуки кои тешко се продаваат кај домашните гласачи, политичарите ги чини крај на политичката кариера.

