|

Вучиќ: Државата нема да дозволи уништување на институциите, „европските отпадоци“ ќе одговараат пред законот

Српскиот претседател Александар Вучиќ во раните утрински часови изјави дека државата ќе се вмеша и нема да дозволи институциите да бидат уништувани, палени и разурнувани. Веста ја пренесе српската национална телевизија РТС, цитирана од БТА.

Изјавата следеше по синоќешните тешки судири, кога српската полиција жестоко интервенираше против демонстрантите кои со месеци протестираат против Вучиќ и неговата власт.

„Народот во Србија треба да знае дека државата е посилна од секого. Така беше денес, така ќе биде утре, така ќе биде секогаш. Србија е силна, сериозна и одговорна држава,“ порача Вучиќ во вонредно обраќање по немирите кои избувнаа доцна вечерта на 5 септември за време на анти-владиниот протест во северниот град Нови Сад.

Тој директно посочи дека зад протестите стои Европската унија. „Европските отпадоци кои доаѓаат да ја уништат нашата земја ќе бидат судени според нашите закони. Некои, заедно со некои европратеници, се обидоа да ја загрозат стабилноста на државата. Со маски на лицата сакаа по секоја цена да ја окупираат зградата на Филозофскиот факултет во Нови Сад, но не успеаја,“ изјави Вучиќ.

Според него, во судирите биле повредени 11 полицајци, а неколку лица биле уапсени. „Имаше директни повици на социјалните мрежи за линч и насилство против државните органи. Тоа се обични кукавици кои напаѓаат луѓе што ја вршат својата работа. И никогаш нема да победат,“ додаде српскиот претседател.

Вучиќ оцени дека на протестот во Нови Сад имало максимум 7020 луѓе, додека во остатокот од Србија – околу 2300. Тој потенцираше дека останатите протести, освен оној во Нови Сад, поминале мирно. „Одете рушете ја вашата земја, не ја рушете Србија. Мислите дека се плашам од вас? Ни најмалку!“, им порача тој на европратениците.

Присуството на европратеници на протестот во Нови Сад беше осудено и од претседателката на српското собрание Ана Брнабиќ, како и од лидерот на Српската напредна партија и поранешен премиер Милош Вучевиќ.

Масовни анти-владини протести се организираат во Србија веќе 10 месеци, предводени од студенти, со барање за предвремени избори и одговорност за трагедијата на железничката станица во Нови Сад, кога на 1 ноември минатата година при уривање на козирка загинаа 16 лица.



Слични Објави