(Видео) Гордеј се мајко Македонијо со твојот син герој герој герој: 154 години од раѓањето на полковник Борис Дрангов
На денешниот ден 15 март 2026 г. одбележуваме 154 години од раѓањето на полковник Борис Дрангов, истакнат бугарски офицер, педагог и воен теоретичар. Учесник во Илинденско-Преображенското востание (1903), Балканските војни (1912-1913) и Првата светска војна, каде што во борба на „завоя на Черна“ херојски го губи својот живот, по тешко ранување од шрапнел.
Полковник Борис Дрангов е роден на 3 март / 15 март нов стил 1872 во Скопје, кое во тоа време било дел од Отоманската империја, во семејството на трговецот Стојан Дрангов и неговата сопруга Ѓурга. Основното и дел од средното образование го завршил во бугарското педагошко училиште во родниот град, каде покажал одличен успех.
Во 1891 година бил примен во Военото училиште во Софија. По краток конфликт со друг офицер во 1894 година бил привремено отстранет од училиштето и испратен во 3-тиот коњанички полк во Пловдив, но истата година казната му била укината и тој го продолжил образованието. Во 1895 година дипломирал и бил произведен во чин потпоручник, по што бил назначен за млад офицер во 3-тиот коњанички полк во Пловдив. Во овој период ја напишал својата „Подробна програма за обучение на младите и старите војници во пешадијата“, дело кое се смета за почеток на бугарската воена педагогија. Во 1899 година бил унапреден во поручник.
Додека служел во Лом се запознал со Рајна Денкова Попова, со која стапил во брак и имале пет деца. Нивниот син Кирил Дрангов подоцна станал познат дејец на ВМРО. За време на Илинденското востание во 1903 година Дрангов ја напуштил воената служба и заминал во Македонија, каде учествувал во борбите, против османлиската власт во кратовско.
Во 1904 година бил испратен на усовршување во Николаевската генералштабна академија во Санкт Петербург. Таму го објавил научниот труд „Руските придобивки во Средна Азија во XIX век“, што претставува прво научно дело на бугарски офицер објавено во издание на руска воена академија. Во 1907 година ја завршил академијата со одличен успех и се вратил во Бугарија. Подоцна служел во неколку воени единици и бил назначен за предавач по тактика во Военото училиште во Софија. Во овој период активно пишувал и во воени списанија.
За време на Балканската војна (1912–1913) бил началник на штабот на 1-ва бригада од 1-ва пешадиска дивизија и учествувал во борбите кај Гечкинли, Чаталџа и Одрин, како и во други операции. За покажаната храброст бил одликуван со орден „За храброст“. Во Меѓусојузничката војна во 1913 година се борел против српската војска кај врвот Бубљак.
Во 1915 година бил произведен во чин потполковник и назначен за командант на 5-тиот македонски пешадиски полк од 11-тата пешадиска дивизија. За време на Првата светска војна успеал за кратко време да го организира и обучи полкот, составен претежно од доброволци од Македонија, и да го претвори во ефикасна борбена единица. Со полкот учествувал во борбите кај Калиманци, Кочани и Штип.
Во 1916 година бил назначен за началник на Школата за резервни потпоручници во Скопје, каде обучил повеќе од илјада млади офицерски кандидати и стекнал голем авторитет како воен педагог и оратор. Подоцна станал началник на штабот на 1-ва пешадиска дивизија и учествувал во операциите на Добруџанскиот фронт. Во истиот период излегува неговото најпознато дело „Помни войната! Съвети за строеви офицери.“ Скопие, 1916.
Во март 1917 година го презел командувањето со 9-тиот пешадиски пловдивски полк. На 26 мај 1917 година, за време на артилериски напад на Французите во битката кај свиокот на реката Црна, бил тешко ранет од шрапнел. Починал истата вечер од здобиените рани. Неговите последни зборови биле: „Колку многу сакав уште да ѝ служам на Бугарија“.
Постхумно бил унапреден во чин полковник. Борис Дрангов останал запаметен не само како храбар офицер, туку и како еден од првите воени теоретичари и педагози во бугарската воена наука.
Во чест на полковник Дрангов браќата Дончевци- Дончо и Ристо Јанакиеви од Кавадарци ќе ја испеат „На завоја на Черна“.
На полковник Дрангов е посветена и химната на 11 македонска дивизија на бугарската војска „Гордеј се мајко Македонијо“.
