|

(Видео) Изречени глоби во висина од 12.500 евра за градилиштето зад Универзалната сала

Градежен инспектор од Секторот за инспекциски работи при Општина Центар денес им изрече 5 казни на инвеститорот „Бинјапи инженеринг“ и на изведувачот „Арадико коп“ ДООЕЛ увоз-извоз, во вкупна висина од 12.500 евра во денарска противвредност за небезбедното градилиште, истакна градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски.

Ова градилиште, како што посочуваат од Општината, неколкупати беше затворено од градежната инспекција, но инвеститорот на своја рака ги отстрануваше заштитните инспекциски ленти и продолжуваше со градење не земајќи ги предвид законските одредби и решенијата од инспекцијата.

„Инспекцијата утврди дека инвеститорот постапувал спротивно од издаденото одобрение за градење. Инвеститорот ‘Бинјапи инженеринг“ е обврзан да постави армирано-бетонски колови, т.н. шипови за обезбедување на јамата, кои тој не ги извел и со тоа постапил спротивно на одобрението за градење.

Со изоставувањето на армирано-бетонските колови, инвеститорот ги довел во опасност околните објекти, а вчера пропадна и дел од улицата 9 Мај, каде што се наоѓа и спорното градилиште“, е истакнато во соопштението.

Оттука, додаваат, постапувајќи по Законот за градењето, градежниот инспектор на Општина Центар изрекол вкупно 5 глоби, и тоа: 4.000 евра во денарска противвредност за непреземање мерки за обезбедување на градилиштето; 500 евра во денарска противвредност за прекршок на одговорното лице во правното лице „Бинјапи инженеринг“, 7.000 евра за правното лице изведувач „Арадико коп“ ДООЕЛ увоз-извоз, 500 евра за одговорното лице во правното лице изведувач и 500 евра за градежниот инженер за изведба, сите во денарска противвредност.

Слични Објави