|

„Титаник 2” пак патува од Кривичен до Апелација, во прашање се денови пред да застари делото за Мијалков

Пресудата за случајот „Титаник 2“, која патуваше од Кривичен до Апелација, сега се враќа назад во второстепениот суд.

„Предметот со КОК бр. 7/20 од Обвинителството, означен како ‘Титаник 2’, на 20.3.2023 година е доставен во Апелациониот суд Скопје на надлежно постапување. Имено, по добиени жалби од обвинетиот М. Т. и неговиот бранител, како и известување од надлежниот јавен обвинител, дека нема да поднесе дополнителни жалби, предметот е комплетиран, почитувани се сите утврдени рокови и доставен е на понатамошно второстепено постапување.

По наведениот предмет, Апелациониот суд Скопје веќе еднаш има постапувано, па во согласност со одредбите од ЗКП, сега треба да донесе мериторна одлука по добиените жалби“, соопшти Основниот кривичен суд Скопје.

Пресудата за ексдиректорот на УБК, Мијалков, и за лидерот на ДПА, Тачи, за предметот „Титаник 2“, има помалку од 20 дена пред да застари делото. Откако Апелација го добила предметот, треба да добие и мислење од Вишото обвинителство – Скопје, да закаже јавна седница и да одлучи.

Мијалков се гони за изборни нерегуларности на изборите во 2013 година, дело што застарува по 10 години, односно годинава.

За овој предмет двапати се изрекува пресуда. Првата во декември 2019 година ја укина Апелација. Оттогаш до јануари годинава предметот се судеше во Кривичниот суд. Судиите Огнен Ставрев и Осман Шабани одново ги прогласија обвинетите за виновни. На повтореното судење Мијалков беше осуден на две години затвор, исто колку што доби и лидерот на ДПА, Тачи.

Слични Објави