|

(Видео) Караница Груби – новинари: Вие забегавте, ќе ви простам иако не е Прочка

Вицепремиерот Артан Груби се искара со новинарите во Владата, кои се интересираа за изградбата на Коридорот 8 и на Коридорот 10. Откога тие се интересираа за променетата сопственост на компанијата што треба да ги гради овие патишта, а по нецелосни одговори од вицепремиерот, еден новинар му рече: „Вие забегавте“. По ова, Груби врати: „Не, вие забегавте“.

Потоа, Груби одбиваше да одговори на прашање и бараше извинување. Караницата се случуваше за време на прес-конференцијата по потпишувањето на договорот за изградба на автопатите, што го склучија конзорциумот „Бехтел и Енка“, Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) и Министерството за транспорт и врски.

„Пред да продолжиш, да ми се извиниш затоа што забега“, му рече Груби на новинарот на „Телма“, Миомир Серафиновиќ.

Кога доби извинување, Груби продолжи со дрското однесување: „Денеска Прочка ли е? Ај ќе ти простам, без разлика. Јас одговорив веќе на овие прашања. Миомир, ниту го знам како се вика тој човек ниту што направил“.

Груби го повика Обвинителството да постапи доколку има сомневања дека некој сторил нешто и нагласи оти сите компании доставиле документи за неосудуваност.



Слични Објави