Ковачки: ВМРО-ДПМНЕ недвосмислено подаде рака за национално обединување, СДСМ да размисли
ВМРО-ДПМНЕ многу јасно и недвосмислено подава рака за национално обединување и иницира подготовка на стратегија за државата до 2050 година. Приоритетот интеграција на Македонија во ЕУ е јасен, но на патот до негово исполнување треба да реализираме многу работи, да бидеме подобри, подобри пред се за нас. За тоа да се реализира ни треба јасна стратегија како да стигнеме до целта. Ова го истакна пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, на прес-конференција.
Како што рече, премиерот Мицкоски јасно кажува дека треба да се дефинираат приоритетите за развој на државата и тоа во повеќе области и да се одговори на повеќе предизвици, како демографски, економски, земјоделски, енергетски, транспортни и слично. ВМРО-ДПМНЕ го повика СДСМ повторно да размислат и покрај нивното првично негодување за обединување околу една стратегија со помош на умовите од академската заедница.
Премиерот Христијан Мицкоски во празничното обраќање на Денот на Македонската Револуционерна Борба пред два дена, повика на национална стратегија за државата. Појасни дека Владата ќе проба да договори со Македонската Академија на Науките и Уметностите и со универзитетската заедница, проект кој ќе биде сеопфатен и преточен во стратегија на државата до 2050-та година, со кој ќе се дефинираат приоритетите на развој на државата, демографските предизвици, економските цели, и како да се стигне до нив, земјоделски, технолошки развој, енергетски и транспортен развој.
СДСМ утрово ги опиша најавите на Христијан Мицкоски за обединување околу нова стратегија како несериозни и празни политички пораки, кои ја игнорираат реалната потреба за конструктивност и конкретни решенија. Од СДСМ велат дека Националната развојна стратегија за периодот 2024-2044 е успешно подготвена и одамна е поднесена до Собранието, а ВМРО-ДПМНЕ била дел од тој процес а нивните пратеници учествувале во изработка на стратегијата.

