(Видео) Ново импресивно откритие во Хераклеја Синтика: Пронајдени стапала од мермерно божество, можно е да станува збор за Артемида
Ново импресивно откритие е направено при археолошките ископувања на античкиот град Хераклеја Синтика кај Петрич, соопшти Archaeologia Bulgarica, пренесува БГНЕС.
Тимот на проф. д-р Људмил Вагалински од Националниот археолошки институт со музеј при БАН открил стапала од мермерно божество врз постамент. Според првичната хипотеза, откритието би можело да биде дел од статуа на божицата Артемида.
„Хераклеја повторно еруптира!“, коментира проф. Вагалински, кој го снимил процесот на откривање на артефактот.
Откриениот фрагмент е пронајден пред храмот на Херакле, но според археологот, со сигурност не припаѓа на статуа на старогрчкиот херој. Една од причините поради кои стручњаците претпоставуваат дека станува збор за Артемида се сандалите од ловечки тип, карактеристични за претставите на божицата. Дополнителен аргумент е и широката распространетост на култот кон Артемида во регионот на Средна Струма во античкиот период.
Според димензиите на зачуваните стапала, научниците претпоставуваат дека статуата била приближно со човечка висина. Според проф. Вагалински, можно е главата на досега непозната божица, откриена пред неколку години, да припаѓала токму на оваа скулптура. Следуваат дополнителни истражувања кои треба да ја потврдат или отфрлат оваа хипотеза.
Само пред една недела археолозите од истиот тим направија уште едно значајно откритие во Хераклеја Синтика. За првпат тие истражуваат бунар на територијата на античкиот град. Тогаш Archaeologia Bulgarica соопшти дека објектот се покажал значително подлабок од очекуваното.
„Не очекувавме да биде толку длабок – продолжува надолу и по четвртиот метар“, коментираа археолозите од тимот на проф. д-р Људмил Вагалински (НАИМ-БАН).
Ископувањата во Хераклеја Синтика продолжуваат и ова лето, а локалитетот и понатаму ги изненадува стручњаците со нови откритија што придонесуваат за подобро познавање на животот во еден од најзначајните антички градови во долината на Струма.

