| | |

(Видео) Пицула пред БГНЕС: „Српски свет“ е опасен за Европската унија и Балканот

„Српскиот свет“ е опасен проект. Местото на Западен Балкан е во Европската унија, а не во имагинарни иницијативи под покровителство на Србија.

Ова во интервју за БГНЕС го изјави Тонино Пицула, европратеник и известувач на Европскиот парламент за Србија.

„Секој проект што има за цел менување на границите на штета на соседите е ризичен. ‘Српскиот свет’ е концепт што ги отсликува идеите кои потекнуваат од Белград и веќе еднаш предизвикаа четири војни на територијата на поранешна Југославија. Не мислам дека српското раководство денес е подготвено или мотивирано да ги повтори грешките на Слободан Милошевиќ од пред 30 години, но мора да бидеме претпазливи и да испратиме јасна порака – не само до српскиот народ, туку и до сите граѓани на Западен Балкан – дека нивната иднина е во ЕУ, не во некаква имагинарна ‘Српска сфера’. Европската унија мора политички и јавно да го осуди ваквиот концепт и да го спречи уште во зародиш“, истакна хрватскиот политичар.

Пицула додаде дека демократијата кај соседите на ЕУ мора да се стабилизира и поддржува.

„За ЕУ, Западен Балкан не се само соседни држави – тоа се кандидати за членство. За жал, последните години ситуацијата во регионот не се подобрува. Секоја држава се соочува со внатрешни предизвици. Како известувач за Србија, морам да потенцирам дека таа е клучна земја во регионот – поради својата големина, население и влијание, особено врз Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово. Затоа, европските институции мора будно да следат што се случува во Србија“, изјави тој.

Според него, во моментов Србија и претседателот Александар Вучиќ се движат во негативен правец кога станува збор за демократските стандарди.

„Последниве шест месеци сведоци сме на масовни протести низ српските градови. Начинот на кој Вучиќ реагира на тие протести не е нешто што може да се поздрави. Србија назадува според многу демократски индикатори“, додаде Пицула.

Тој потсети дека Европскиот парламент минатиот месец усвои негов извештај за Србија со големо мнозинство гласови.

„Но прашањето е зошто токму Парламентот е единствената институција во ЕУ што толку критички ја следи ситуацијата во Србија. Европската комисија и Советот имаат поинаков пристап. Зошто е тоа така? Тоа е прашање за нив. Треба да се воспостави единствен, усогласен пристап, бидејќи ЕУ не е само заедница на пазар и валута, туку и на вредности и заедничка одговорност. А во моментов не гледам дека српското раководство ги дели тие вредности – тие се многу повеќе заинтересирани за европските фондови“, потенцира Пицула.

Во заклучок, Пицула рече дека формирањето на Европски одбранбен сојуз станува неопходност.

„Европскиот проект започна како мировна иницијатива – денес, за да го зачуваме тој мир, мора да бидеме способни и да се заштитиме. Не станува збор само за воени закани, туку за одбрана на нашите демократски вредности. Ако сакаме да го зачуваме нашиот начин на живот, мораме постојано да ја негуваме демократијата“, изјави тој.



Слични Објави