БОРИСОВ И ЗАЕВ: ОДЛУКИТЕ ТРЕБА ДА БИДАТ ВО ДУХОТ НА ДОГОВОРОТ ЗА ДОБРОСОСЕДСТВО
Премиерот Зоран Заев сѐ уште добива честитки за вчерашниот реизбор за претседател на СДСМ на првите непосредни внатрепартиски избори.
Еден од оние коишто му упатија искрени честитки е и бугарскиот премиер, Бојко Борисов.
– Зборував на телефон со Премиерот на Република Северна Македонија Зоран Заев. Му честитав за реизборот за претседател на неговата партија и тој ми посака успех на претстојните парламентарни избори во Бугарија. И двајцата се согласивме дека одлуките што двете земји мора да ги донесат во духот на Договорот за добрососедство и пријателство не смеат да се одложуваат и во име на нашата заедничка историја и во името на нашата заедничка европска иднина, објави Борисов на својата Фејсбук страница.
За овој пријателски разговор по телефон, објави и нашиот премиер, Заев.
– Денеска имав телефонски разговор со премиерот на Република Бугарија, Бојко Борисов. Му се заблагодарив за честитките што тој ги искажа за мојот реизбор за претседател на СДСМ и му посакав успех на претстојните парламентарни избори во Бугарија и просперитет на бугарскиот народ. Се согласивме дека одговорите на прашањата што се отворија меѓу нашите две земји се содржат во Договорот за добрососедство и пријателство. Заеднички споделивме дека поскоро треба да дојдеме до решенијата кои ќе поттикнат унапредување на односите меѓу Северна Македонија и Бугарија и дека во минатото на нашите две земји има основа на која треба да ја градиме нашата заедничка иднина во ЕУ., напиша Заев на Фејсбук.