|

(Видео) Први снимки од нападот во Прага: луѓето панично бегаат, напаѓачот со пушка на покривот

Чешката полиција денеска соопшти дека на Филозофскиот факултет на Карловиот универзитет на плоштадот Јан Плах во Прага се случило пукање во кое има мртви и десетици ранети, а напаѓачот е убиен.

Напаѓачот е убиен, целата зграда е евакуирана, а десетици се повредени, соопшти полицијата во најновата објава на платформата „Икс“.

Според последните информации загинале најмалку 10 лица, а повредени се 24.

Порталот „ТН“ објави фотографии на кои се гледа вооружен маж на покривот од зградата. Порталот наведува дека експлозии се слушале од местото на настанот.

Според достапните фотографии, по ходникот на факултетот се движел маж со долго огнено оружје, додека на другите слики се гледа како луѓето со кренати раце трчаат надвор од зградата, пишува чешкиот iDNES.cz.

На видеата се гледаат луѓе како трчаат преку мостот во Прага во потрага по спас.

На местото на злосторството отишол и чешкиот министер за внатрешни работи Вит Ракушан.

Пукањето се случило во центарот на Прага.

Некои ученици се забарикадирале во училниците за време на пукањето, а една од најпотресните фотографии е онаа на студенти кои се сокриле на покривот.

Слични Објави