(Видео) Солун- новата точка на зближување меѓу режимите на Орбан и Вучиќ
Солун сè појасно се профилира како стратешка точка во растечкото унгарско-српско партнерство, кое ја надминува рамката на класичната дипломатија и се оформува како инструмент за регионално влијание по оската Централна Европа – Балкани – Егејско Море, се вели во репортажа на Велислав Илиев од меѓународната редакција на БГНЕС.
Отворањето на унгарско конзулство во Солун формално е претставено како административна мерка за поддршка на туризмот, но неговото реално значење е политичко. Конзулството функционира како заедничка канцеларија во зградата на Генералниот конзулат на Србија, што се толкува како јасен сигнал за тесна координација меѓу Будимпешта и Белград.
Во срцето на оваа оска стојат владите на Виктор Орбан и Александар Вучиќ, кои споделуваат централизиран модел на власт и водат надворешна политика што сè почесто се дистанцира од заедничките позиции на Европска унија.
Овој модел не е изолиран. Во Одрин, конзулатите на Северна Македонија и Србија се сместени во иста зграда – практичен израз на регионалната логика на иницијативата Отворени Балкани иницирана од Белград.
Дипломатското ширење во Солун оди паралелно со забрзувањето на инфраструктурните проекти меѓу Будимпешта и Белград, со Скопје како транзитна точка. Брзата железничка линија меѓу двата главни града се наметнува како ‘рбет на Коридор 10, проект реализиран со активно кинеско финансирање, со што Кина ја зацврстува својата позиција преку инфраструктурно и финансиско влијание, вклучително и во грчките пристаништа.
Наспроти тоа, Коридор 8, клучната врска меѓу Црното и Јадранското Море со стратешко значење за НАТО, останува со години блокиран. Според анализите, тоа не е технички, туку политички избор, кој го пренасочува сообраќајот, инвестициите и влијанието кон алтернативна балканска оска.
Отворањето на унгарското конзулство во Солун, според ова толкување, не е административен детал, туку дел од поширока стратегија за градење паралелна регионална архитектура, во која дипломатијата, инфраструктурата и надворешното финансирање служат за прекројување на геополитичката мапа на Балканот.

