| | |

(Видео) Судбината на споменикот на Тодор Александров во Ќустендил

Пишува: Владимир Перев

Во историјата на ВМРО но и во историјата на Бугарија и Македонија, Ќустендил е место од извонредно значение, од една страна како пункт на ВМРО, но многу повеќе како точка на идејна и борбена опора на Организацијата. Ќустендил е првата точка на слободата, кога од Македонија се влегува во Бугарија, но и последната слободна точка, кога од Бугарија четите на ВМРО се префрлаат на борбени задачи во Македонија, сеедно дали под турска или српска окупација.
Тоа место е вистинскиот пункт во времето на владеењето на БЗНС, од 1918 до 1923 година, кога ВМРО е подложено на терор од страна на власта на Александар Стамболиски, чија единствена цел била Бугарија да се оттргне од тешката состојба на победена и изолирана земја во Првата светска војна, а за возврат, на србите, “на тацна“ им била понудена Македонија и македонските борци од ВМРО.

Тодор Александров е убиен на 31 август 1924 година на Пирин планина, а веста за неговото убиство во Ќустендил ја носи лично Иван Михајлов, тогаш веќе еден од тројцата лидери на Организацијата. Во Ќустендил веднага се формира Фонд на Тодор Александров, со цел да се изгради паметник-спомен обележје за него и македонската борба на неговите соборци, како и да се помогне материјално неговото семејство кое останува без издршка. Шеф на Фондот е познатиот револуционер Владимир Куртев, бесарабски бугарин, предаден на делото на ВМРО и еден од подоцнежните актери во спасувањето на бугарските евреи од холокаустот.

Споменикот почнува да се гради на 7 август 1926 година, а е завршен во средината на 1927 година. Прекрасно направен, со бистата на Тодор Александров на горниот дел, тој ја предизвикува злобата, како на некои леви елементи во Бугарија, така и на југословенските разузнавателни служби на Кралството СХС. Во периодот по Првата светска војна, кралот Александар Караѓорѓевиќ формира силна разузнавателна служба, која дејствува на териториите на победените соседи на Србија, значи на териториите на Унгарија, Италија и Бугарија, со цел да се одземе уште некое парче од нивната територија. За Бугарија планот е прост-да се сруши Цар Борис, да се омаломошти државата и целата да биде “голтната“ од Кралството Југославија. Тоа се југословенските амбиции се до некаде кон 1948 година, амбиции на Караѓеорѓевиќи кон кои се приклонува и Јосип Броз и сака да ги реализира. Разолуцијата на Информбирото од 1948 година ја спасува Бугарија од нејзината, ако не целосно територијална гибел, тоа од комплетното духовно пропаѓање, целосна пропаст. За работата на југословенските разузнавателни служби во Бугарија, може многу да се научи од книгата на Кирил Тодоров “Разузнаваната на Кралска Југославија срешту Б’лгарија (1920-1941)“.

Таму ќе се види и обемот на “израсходованите средства“, се мисли на пари, за поткуп на бугарски политичари, функционери, офицери, новинари и други фактори на политичкиот живот. Меѓу другото, Кирил Тодоров е и автор на единствената биографија на Јордан Чкатров-херојот на Прилеп.

Парите го вршат своето и на 19 мај 1934 година се случува воен преврат во Бугарија, а крајниот резултат е укинувањето на ВМРО. Само малку потоа, мршојадците на Воената лига, таканаречените “Звенари“ го отстрануваат натписот на споменикот на Тодора, кој гласи “Всичко за Македонија“

По 1944 година, со затоплувањето на односите на релација Белград-Софија, споменикот на Тодора е трн во окото на двете комунистички власти и тој треба да биде разрушен. Тоа е и направено во 1947 година, при исклучително срдечни односи меѓу Југославија и Бугарија.
Демократските промени во Бугарија по 1990 година носат и нови, сега веќе вистински видувања за ликот и делото на Тодор Александров. Затоа, организацијата ВМРО СМД од Софија предлага паметникот да биде обновен, а одобрение даваат и соодветните министерства. И покрај противењето на Земјоделската партија од Ќустендил, кметот на гградот кој има македонски корени, презема решителни мерки споменикот да биде востановен. Тоа е и направено, а авторот на бисттата на Александров е бугарскиот вајар -уметникот Владимир Гиновски со потекло од Галичник, Македонија.

И во “новото“ време паметникот не е поштеден од вандализми, но вистината за борбата на ВМРО и херојскиот лик на Тодор Александров се победниците во овој натпревар со “илузиите за сопствената историја“ на некои бугарски и македонски дејци.
Гледајте го на Јутуб прекрасниот документарен филм со извонредното сценарио на новинарот Иво Иванов и вдахновеното излагање на историчарот доцент д-р Ангел Џонев од Ќустендил…гледајте ја вистината за “нас и за нив“…

Слични Објави