(Видео) Вајц пред БГНЕС: Не знам дали Северна Македонија навистина сака да стане дел од ЕУ. Јас сум ѝ пријател на Бугарија
Не знам дали Северна Македонија навистина сака да стане членка на ЕУ со тоа што ќе ги исполни промените според преговарачката рамка. Јас сум пријател на Бугарија.
Ова го изјави во интервју за БГНЕС известувачот на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц.
Денес, 24 јуни, Комисијата за надворешни работи (AFET) го изгласа неговиот извештај.
Димитар Русков, БГНЕС: Како што знаете, Северна Македонија е земја-кандидат од 2005 година. Имало многу извештаи пред да ги преземете обврските како известувач. Дали мислите дека актуелната влада на Северна Македонија навистина сака да ги спроведе промените од преговарачката рамка и да стане членка на ЕУ?
Томас Вајц: Не знам. Она што го знам е дека големото мнозинство во Европскиот парламент сака да ја поддржи Северна Македонија и целиот регион за подобар економски, политички и општествен развој. Знам дека и јас лично се обидувам да го поддржам процесот на пристапување на сите шест држави од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Северна Македонија.
Димитар Русков, БГНЕС: Би сакал да го цитирам г. Христијан Мицкоски, премиерот на Северна Македонија, кој изјави дека “спровел организирана кампања во Брисел” за да влијае врз извештајот. Дали тоа е вистина и дали постои разлика помеѓу обични средби помеѓу известувачи во сенка со функционери од Северна Македонија и лобирање?
Томас Вајц: Јас си ја вршам работата врз основа на фактите, колку што можам пообјективно. Единствената моја задача е да анализирам каде се наоѓа земјата во однос на европското право, владеењето на правото, независноста на судството, медиумите… И токму тоа го направив во овој извештај.
Димитар Русков, БГНЕС: Дали Европскиот парламент и AFET имаат надлежност да валидираат јазик и/или идентитет?
Томас Вајц: Повторно, овој извештај се однесува на состојбата на земјата во процесот на пристапување. Да, дел од тие вредности е правилното вклучување на малцинствата. Во овој случај имаше многу дебати за вклучувањето на бугарската заедница, што е одразено во текстот. Но освен тоа, како што веќе реков, се работи за состојбата, за владеењето на правото – тоа е процес заснован на заслуги, а билатералните прашања треба да се решаваат помеѓу самите земји.
Димитар Русков, БГНЕС: Каде се билатералните прашања? Дали ова е билатерално прашање или прашање за целата ЕУ, со оглед дека преговарачката рамка беше прифатена и од бугарскиот и од северномакедонскиот парламент, како и од сите земји-членки?
Томас Вајц: Во сегашната геостратешка реалност, ние, Европејците, треба да бидеме обединети и да го ставиме во прв план она што не обединува. Тоа ќе ни помогне да напредуваме заедно. Себеси се сметам за голем пријател на земјите од Западен Балкан, како и голем пријател на Бугарија. Мислам дека ако го ставиме во прв план она што не обединува, тоа ќе биде во најдобар интерес на нашите земји и нашите народи.
Димитар Русков, БГНЕС: Дали сте биле лично под влијание на премиерот на Северна Македонија, Мицкоски, или други европски лидери?
Томас Вајц: Не.