ВИКТОР ДИМОВСКИ НА МЕЃУВЛАДИНА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА УСВОЈУВАЊЕ НА ГЛОБАЛНИОТ КОМПАКТ ЗА БЕЗБЕДНА, УРЕДНА И  РЕДОВНА МИГРАЦИЈА

Делегацијата на Република Македонија, предводена од државниот секретар во Министерството за надворешни работи Виктор Димовски, учествуваше на Меѓувладината конференција за усвојување на Глобалниот компакт за безбедна, уредна и редовна миграција, што на 10 и 11 декември се одржува во Мaракеш, Мароко. Глобалниот компакт е подготвен под покровителство на Обединетите нации и ги опфаќа сите димензии на меѓународната миграција.

Во своeто обраќање, државниот секретар Димовски, меѓу другото, истакна дека во екот на мигрантската криза во Европа 2015 година, Македонија обезбеди поддршка за повеќе од 800.000 мигранти. Тогаш стана очигледно дека ниту една држава сама не може да се справи со толкав прилив на мигранти и дека е неопходна засилена меѓународна и регионална соработка. Оттука, Република Македонија верува дека глобалниот компакт за миграции, како политички документ, претставува алатка за зајакнување на глобалното управување со миграцијата, ублажување на причините што ја поттикнуваат, а воедно може да послужи и за справување со илегална миграција и трговија со луѓе, организиран криминал и други негативни појави што претставуваат легитимна грижа на афектираните држави. Поздравувајќи го усвојувањето на Глобалниот компакт, државниот секретар Димовски посебно го истакна фактот што Документот овозможува секоја држава да ја утврди својата национална миграциона политика и правилата според кои ќе одобрува влез и престој на странски државјани.