| |

Винетките во Бугарија поевтинуваат од 1 јануари 2023 година

Од 1 јануари 2023 година стапуваат на сила новите цени за винетки и патарини во Бугарија. Измената е донесена со Уредба бр.142 од 24.06.2022 година за изменување и дополнување на Тарифата за наплатените надоместоци за преминување и користење на републичката патна мрежа.

Сите видови електронски винетки за патни возила со вкупна техничка дозволена максимална маса до или еднаква на 3,5 тони ќе поевтинат за близу 10%. Годишната винетка ќе чини 87 лева, тримесечната винетка 48 лева, месечната – 27 лева, неделната – 13 лева, а винетката за викенд – 9 лева. 

Електронските винетки купени во декември 2022 година, дури и да имаат период на активирање по 00:00 часот на 01.01.2023 година, се пресметуваат по цени кои важат до крајот на тековната година. Тоа се следните – годишна винетка – 97 лева, тримесечна – 54 лева, месечна – 30 лева, неделна – 15 лева, викенд винетка – 10 лева. Затоа треба да се има предвид дека доколку возачот на моторно возило купува годишна винетка на крајот на декември 2022 година таа ќе се продава по цените што важат во 2022 година. 

Приходите од патарини во Бугарија кон крајот на ноември 2022 година се речиси 511 милиони лева. Приближно 268 милиони лева од нив се од е-винетки, а околу 243 милиони лева од патарини.

Очекуваниот приход од патарини – е-винетки и патарини во 2023 година е околу 800 милиони лева. Се проценува дека скоро 550 милиони лева од приходот ќе дојде од патарините што возилата над 3,5 тони ги плаќаат за поминато растојание. Околу 250 милиони лева се очекуваниот приход од е-винетки.

Националната администрација за патарини во Бугарија апелира до корисниците да ја користат веб-страницата www.bgtoll.bg или мобилната апликација за да купат е-винетка. Електронските винетки може да се купат и преку други продажни канали на АПИ – на шалтер со плаќање во готово или преку терминал за самонаплаќање – со картичка. Шалтери има на главните гранични пунктови, како и во 27-те регионални патни управи во земјата. 

Електронските винетки се продаваат и во партнерската мрежа на Агенцијата „патна инфраструктура“, која ги опфаќа сајтовите www.vinetki.bg, www.tollpass.bg, www.digitoll.bg, www.epay.bg и други.



Слични Објави