Вистината и лагите за Илинден
Проф. д-р Пламен Павлов/Труд
Почетокот на тајната револуционерна организација, создадена од македонските Бугари под влијание на идеите на Левски, Ботев и апостолите на Априлското востание, бил поставен на 23 октомври 1893 година во Солун од д-р Христо Татарчев, Даме Груев, Иван Хаџиниколов, Петар Попарсов, Антон Димитров и Христо Батанџиев – претставници на бугарската интелигенција, тесно поврзани со просветната дејност во Македонија, особено со Солунската бугарска машка гимназија „Св. св. Кирил и Методиј“.
Целта била извојување автономија по примерот на Источна Румелија, дотолку повеќе што во тие години Македонија и околните области биле нарекувани и „Западна Румелија“. Во 1896 година бил одржан првиот конгрес на организацијата, која го прифатила името Бугарски македонско-одрински револуционерни комитети (БМОРК). Нејзиниот правилник ги следел заветите и принципите на БРЦК, а една година подоцна бил поставен почетокот на таканаречениот четнички институт. Со оваа задача се зафатил Гоце Делчев, апостолот на македонските и тракиските Бугари, кој неслучајно бил споредуван со Васил Левски.
По Горноџумајското востание од 1902 година, османлиските власти ги засилиле репресиите, што во практиката претставувало ползечки геноцид – политика што го следела „моделот“ на крвавата пресметка со поробениот ерменски народ од 1895 година натаму. Вооружените судири меѓу четите на организацијата, чие име веќе било ТМОРО – Тајна македонско-одринска револуционерна организација, а подоцна „внатрешна“ – ВМОРО, и турските сили станувале сè пожестоки. Во редовите на организацијата се појавиле стравувања дека таа ќе биде елиминирана како политички фактор. Во такви околности, дел од раководството, предводено од Иван Гарванов, во јануари 1903 година свикало конгрес во Солун, на кој било решено напролет следната година да се крене „сеопшто и стратешко востание“. И покрај своите резерви, Гоце Делчев и Ѓорче Петров, кои во тоа време биле задгранични претставници на ВМОРО во Софија, се потчиниле на одлуката. Кон нив се приклучил и Даме Груев, кој се вратил од заточеништво.
Раководството на ВМОРО воспоставило врска со бугарскиот министер за војна, генерал Михаил Савов, кој инсистирал востанието да биде одложено за есента 1903 или за пролетта 1904 година, бидејќи бугарската армија не го завршила своето превооружување и не би можела да се соочи со османлиската војска. Според Анастас Лозанчев, меѓутоа, самите организатори на востанието сметале дека непосредната интервенција на Бугарија е непожелна, за да се избегнат обвинувањата дека се раководени од кнезот Фердинанд и од официјална Софија. Во април 1903 година, група млади револуционери, предводена од Јордан Орце Попгеоргиев, извршиле серија атентати во Солун. Потоа следувал бран апсења, а судирите со локалните турски сили се зголемиле. Во еден од нив, на 15 март, загинал бугарскиот офицер Тома Давидов. Таква била и судбината на Гоце Делчев, кој загинал на 4 мај 1903 година кај селото Баница.
Под раководство на Даме Груев, во Смилево бил свикан конгрес на Битолскиот револуционерен округ, кој одлучил востанието да биде објавено на Илинден – 20 јули, односно 2 август според новиот календар. На конгресот на Одринскиот револуционерен округ, одржан во месноста Петрова нива, било одлучено „штафетата“ да биде преземена на Преображение – 6 август. Конгресот на Серскиот округ го избрал Крстовден за почеток на бунтот, во овој случај преку четнички акции, кон кои се приклучил и Врховниот македонско-одрински комитет. Најдобро подготвено и најмасовно било востанието во Битолскиот револуционерен округ.
Заедно со локалните дејци се вклучиле и голем број истомисленици од слободна Бугарија – Христо Чернопеев, Марко Лерински, Крсто Асенов и многу други. На оружје се кренале Бугарите во Битолско, Леринско, Костурско и Охридско, а во Крушево била прогласена таканаречената Крушевска Република. На 6 август започнало таканареченото Преображенско востание, при кое привремено биле ослободени Ахтопол и Василико, денешно Царево. Во подрачјата на Свиленград, Ортакој, денешен Ивајловград, Ѓумурџина, во Смолјанско и на други места биле спроведени четнички акции. На крајот, во Илинденско-Преображенското востание учествувале повеќе од 26 илјади луѓе, загинале околу илјада востаници и повеќе од пет илјади мирни жители, а над 30 илјади побарале засолниште во слободна Бугарија. Востанието и неговото крваво задушување имале силен одглас во Бугарија и низ цела Европа, но поради низа околности интервенцијата на „Големите сили“ била слаба и неефикасна.
Неколку зборови за владата во Софија, која дошла на власт на 5 мај 1903 година. За време на востанието на власт била Народнолибералната партија, предводена по смртта на Стефан Стамболов од Димитар Петков. Поради постојаните владини кризи, кнезот Фердинанд им ја доверил власта на стамболовистите, кои ја докажале својата приврзаност кон политиката на забрзан стопански развој и заштита на националните интереси. Со избувнувањето на Илинденско-Преображенското востание, владата на премиерот генерал Рачо Петров се нашла во сложена положба, и тоа само три месеци по доаѓањето на власт. Низ целата земја се разгорело масовно движење за поддршка на востанатите сонародници, но, како што веќе беше споменато, државата не била подготвена за воен конфликт, дотолку повеќе што таквата ситуација би била искористена од Србија, Грција и Романија против Бугарија. Не помалку важно било и тоа што „Големите сили“ упатиле ултимативни предупредувања до Софија да не се вмешува.
Во такви околности, владата ги засилила контактите со „Високата порта“, со цел да ги заштити македонските и тракиските Бугари. Под притисок од Софија, на илјадниците затвореници и заточеници им била дадена амнестија. Истовремено, владата бескомпромисно го бранела принципот на неделивост на бугарската земја Македонија, имајќи ги предвид грабливите апетити на Србија и Грција. Со цел да им се даде поддршка на сонародниците во неослободените земји, во Министерството за надворешни работи било создадено таканареченото Второ политичко одделение, чија дејност била насочена посебно кон овој национален приоритет – судбината на Бугарите во Македонија и Одринска Тракија.
Неколку зборови за шпекулациите на тема „Илинден“ од страна на македонистичкиот режим во Скопје – и пред и по прогласувањето на независноста на републиката. Претставувањето на востанието како масовно кревање на „македонскиот народ против османлиската власт“ е во целосна спротивност со сите сведоштва и документи за настаните, во кои јасно е истакнат нивниот бугарски карактер! Дури и повикот за востание бил напишан на литературен бугарски јазик, а револуционерниот „лист“, односно весник на организацијата, бил „Свобода или смърт“, чиј уредник бил големиот поет и борец за слободата на Македонија, Пејо Јаворов…
Уште погрдо е претставувањето како „Втор Илинден“ на заседанието на АСНОМ – „Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија“, диригирано од југословенските комунисти и одржано неслучајно на 2 август 1944 година во манастирот „Св. Прохор Пчински“. Во името на „македонскиот народ“, иако никој ништо не го прашал, било решено „слободна Македонија“ да биде дел од југословенската федерација, со свој јазик, историја, култура… Еден од слоганите истакнати од АСНОМ бил: „Да живее националниот комитет на чело со љубимиот водач на Југославија, Маршал Тито!“ Не помалку важно е и тоа што во неколку наврати властодршците во Скопје го претставувале своето доаѓање на власт како „Трет Илинден“… Како што се вели, без коментар!
Денес Илинден е национален празник на Северна Македонија. И тоа со полно право, но сепак се поставува прашањето: „Кој Илинден?!“ Пораките на денешната елита во Северна Македонија ги следат „мантрите“ на лажниот „Втор Илинден“ од 1944 година, а не на вистинскиот Илинден од 1903 година. И доколку во републиката навистина го почитуваат подвигот на предците, нека се потсетат на вистината за востанието и нека не ги повторуваат дрските лаги на југокомунистичката пропаганда.

