ВИСТИНАТА ЗА ТОДОР АЛЕКСАНДРОВ БЕЗ ЛИГАВЕЊЕ

Наследниците на Алеко Пашата, денешните македонски „алекопашевци“ што ги осиромашија граѓаните, панички стравуваат во нашата земја да се појави лидер кој ги следи идеалите на Тодор Александров. Токму поради таа причина секоја годишнина од смртта на Стариот, треба да се одбележува.

Борбата за чесност во раководењето со нашата земја е завет токму од Александров. Тој бил пример за чесност и скромност и покрај огромната моќ концентрирана во неговите раце. Денешните „Алекопашевци“ се плашат од тие добродетели, затоа што им се непознати.

Тие лажат веќе 30 г. Тие не знаат да прават ништо друго. Поради таа причина мораме да продолжиме да го славиме делото на нивниот антипод Александров. Немаме друг избор, ако сакаме Македонија да биде силна и добро уредена држава, на средноевропско ниво, како почеток, мораме да го направиме тоа. Кој од денешните политичари кои се нарекуваат идеолошки наследници на ВМРО можат да се пофалат со чесноста, скромноста и интелектуалниот капацитет на Александров?

Сите денешни партии со префикс ВМРО не можат да се истакнат со нешто повеќе од тоа, што биле алатка, одредени луѓе да се збогатат во енормни размери. Жалам господа, но Александров не живеел во хациенда, туку во гарсоњера на улица Гурко во Софија, заедно со својата сопруга и двете „дребни дечиња“. Вие да имавте трошка од неговите моќ и влијание, ќе живеевте на месечината. Затоа и ги немате, затоа што Господ проценува кому да му даде и кому не.

Ајде сега сите мои познаници и пријатели, кои ќе ме осудат заради тоа што не верувам во нивните лидери, кои меѓу другото доста треба да поработат околу форсирањето на десничарски политики, наместо да шират гол патриотизам и да профитираат од него, нека ми се придружат и симболично да наведнеме глави пред подвигот на Александров.

Последниот цар на планините, не носел круна, туку обична комитска капа. Претпоследниот водач на ВМРО може да биде обвинет во сѐ, но едно никој не се осмелил да го одрече: Александров бил чесен човек и голем лидер. И најголемите негатори на големината на Александров не можат да го обвинат дека се збогатил од Организацијата. Можат ли да го кажат истото Георгиевски, Груевски и Мицкоски? Со сета почит, кон сите нивни привразаници, но јас тврдам дека не можат.

Автор: Атанас Величков