ВЛАДАТА ЈА ДОНЕСЕ УРЕДБАТА ЗА КРАТЕЊЕ НА ФУНКЦИОНЕРСКИТЕ ПЛАТИ
Владата ја донесе уредбата за определување на висината на платата на избраните, именуваните и назначените лица во јавниот сектор за време на вонредна состојба, со што на сите министри, пратеници, судии, обвинители, директори, градоначалници, претседателот и други назначени во јавниот сектор им е определена минимална плата од 14.500 денари за месеците април и мај, како дел од мерките за справувањето со пандемијата на коронавирусот, соопштија денеска од владината прес-служба.
Со оваа Уредба се опфатени и претседателите и членовите кои раководат со регулаторно тело, лица кои раководат со институциите кои вршат дејности од областа на образованието, културата, социјалната заштита и заштита на детето, спортот и институциите кои вршат работи од јавен интерес, а се организирани како агенции, фондови, правни лица на кои им е доверено вршење на јавно овластување, јавни установи, јавни претпријатија основани од Македонија, од општините, од Градот Скопје и неговите општини и акционерските друштва во целосна сопственост на државата, се вели во соопштението.
„Заштедата по основ на оваа Уредба со која се опфатени 1.165 функционери и 895 директори на втора линија буџетски корисници и на институции кои се финансираат преку блок дотации изнесува околу 240 милиони денари за 2 месеци“, наведуваат од Владата.