ВЛАДАТА УТРЕ ЌЕ РЕШАВА ЗА СКРАТУВАЊЕ НА ПОЛИЦИСКИОТ ЧАС
Предлозите за ослеснување на мерките за движење на населението, како и дополнителните мерки за заштита како носење заштитна опрема Владата ќе ги разгледува утре на седница, на предлог на Комисијата за заразни болести, пренесува Канал 5.
И Владата и премиерот уште во текот на викендот најавија воведување меки мерки со цел олеснување на рестрикциите. Барањето и конкретниот предлог за скратување на полицискиот час дојдоа од Комисијата за заразни болести, а истите беа презентирани утрово на главниот кризен штаб од страна на министерот Филипче. Никој од членовите на Штабот не беше против, појаснуваат од Владата за МИА.
Оваа комбинација на мерки, велат, ќе дозволи луѓето порастоварено да се движат, истовремено зголемувајќи ја потребата за лична заштитна опрема на секој граѓанин додека се движи.
Се предлага да се направат следните измени: полицискиот час секој работен ден да започнува во 19 часот наместо во 16 часот како што беше досега. Со ова ќе се добијат дополнителни часови граѓаните да ги завршат обврските и да набават намирници, за повозрасните граѓани наместо од 10 до 12 часот да продолжи времето на движење од 8 часот до 12 часот, продолжување на периодот во кој се движат младите до 18 години и тоа ќе биде од 13 до 16 часот. Предлог е полицискиот час за време на викендот да остане, но со скратено време и сега да почне во сабота во 13 часот и да заврши во понеделник во 5 часот. Останува забраната за групирање на граѓаните и сите други мерки кои се во сила во однос на физичката дистанца, користењето на јавните површини и парковите.
