| |

Владиниот авион со претепаниот секретар на клубот Цар Борис Трети во Охрид одлета за Софија

Претепаниот секретар на клубот Цар Борис Трети во Охрид, Христијан Пендиков веќе е транспортиран на лекување во Софија. Владиниот Фалкон кој ќе го носи Пендиков на лекување во Воено медицинската академија штотуку полета од аеродромот во Охрид, јавува БТА.

Синоќа со зборовите „Овде нема место за предавници како тебе“, Пендиков првично бил вербално нападнат во објект во Охрид, по што на излегување бил претепан. Ова Пендиков самиот му го рекол на Илијан Крстев, привремениот раководител на Генералниот конзулат на Бугарија во Битола.

Пендиков синоќа поднел пријава во полиција и по извршен преглед во општата болница во Охрид бил препратен во Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ во Охрид, од каде со возило на Итна медицинска помош беше пренесен на аеродромот во Охрид. Направените тестови покажуваат скршена вилица и можност за скршени пршлени, неопходна е максилофацијална операција, велат лекарите од болницата.

Полицијата во Охрид го сослушала Христијан, а и сведоци за тоа што се случило.

Претставници на бугарската амбасада во Скопје, предводени од амбасадорот Ангел Ангелов се во Охрид и се во постојан контакт со сите институции во Северна Македонија.
Министерството за внатрешни работи на земјава официјално испрати информација за тоа што се случило синоќа, објавувајќи ги иницијалите на тројцата мажи кои физички го нападнале, идентитетот и на тројцата е утврден. Од обвинителството велат дека се преземаат дејствија за нивно лоцирање и апсење, а се работи на откривање на причините за тоа што се случило.

Слични Објави