Властодршците Албанци и Македонци ги зближува тендерократијата, Цеца на Аркан и „Минишенгенот” на Вучиќ

//

Пишува: Ким Мехмети

И Македонија и Бугарија, го одбележаа истото Илинденско Востание, со истите херои, но со различно толкување на вистината за нејзиното значење. Според бугарските и албанските историчари, на 2 август 1903 година, по ослободување на градот, основано е Собранието на Крушевската Република, составена од дваесет бугарски револуционери и со по исто толку Албанци и Власи. Но, според историчарите на денешно Скопје, на Илинден 1903 година, е зачната денешна суверена и самостојна Македонија, како единствена држава на македонскиот народ.

Но како и да е, овогодинешната прослава на Илинденското Востание на Мечкин Камен, беше збогатена со албански народен фолклор и со присуството на претседателот на ДУИ. Со што јасно се виде дека и денешна демократска Македонија, туку речи се гради според комунистичките формули на бивша Југославија, односно опстојува врз братството на партиските челници, на кои народот им пее и, почива врз плеќите на разделените ‘народи и народноти’, а кои играат онака како што им свири власта. Со што се чини дека Македонија е на пат да стаса до таму до кај што дотурка Титова Југославија: да стане „лушпа” која има кој да ја штити од надвор (НАТО), но која нема кој да ја почувствува и признае од внатре како своја држава.

Овогодинешната прослава кај Мечкин Камен, ја направи по видлива и вистината дека што повеќе претседателот на ДУИ се збратимува со македонските партии што доаѓаат и заминуваат од власта, дотолку повеќе Македонија ги абортира тие малку заеднички вредности што ги има, на пример, налик на двојазични писатели, новинари, пејачи.., а кои воглавном се Албанци одошто, нели, Македонците растат и стареат со верувањето дека за нив е недолично да го учат „шиптарски” и јазикот на „Бугарите Татари”, дека тие треба да пеат и пишуваат само на јазикот што најверојатно ги прави да се чувствуваат горди, на јазикот што белким им помага да го јакнат македонскиот идентитет, на јазикот на „поголемиот брат” – на српски јазик.



Но како и да е Македонија чекори напред. Без разлика што наместо во Брисел патот ја одведе во Белград. Со што се стекнува впечаток дека тоа што ги зближува нејзините денешни албански и македонски властодршци е тендерократијата, песните на Аркановата Цеца. а со кои многумина Македонци и Албанци на власт тајно се пијанчат и веселат, и „Минишенгенот” на Вучиќ, кој дамна би бил демаскиран како дел од проектот наречен „Србославија” доколку не беше добро затскриен од побратимот на српскиот Претседател – од Премиерот на Албанија!

Да, Македонија со години чекори кон ЕУ, за да не стаса потаму од „Српскиот Свет”. А притоа во неа да остане скоро истата количина на свест кај дел од македонските елити, свест според која, опстојбата на етничкиот идентитет зависи само од тоа колку те признаваат другите, а не и од тоа колку ти самиот си ги сознал и не ги менуваш сезонски своите предци. И колку си сфатил дека никој не може да ти го негира и оштети мајчиниот јазик онолку колку твоите јавни личности, кои говорат „српско-македонски”, кои чиниш, за да не им наликува мајчиниот јазик на бугарскиот, подготвени се во една реченица од десет збора, да вметнат осум србизми.

Како и да а, останува неспорно дека Македонија треба да соработува со сите свои соседи. Но таа соработка е ирационална и перверзна ако се реализира со посредство на херои налик на Цеца и Вучиќ, со херои дојдени од вчерашниот мрак, со херои кои го помогнаа проектирањето и реализацијата на последното балканско крвопролевање и кои, ги роди времето на Милошевиќ. Да, Македонија може да гради добрососедски односи со сите околу себе, но само откако претходно ќе ја пресече папочната врвца што неа ја врзува со Белград, и тоа какао предуслов за да ја осознае вистината за себеси, како и стварноста дека само нејзиниот Исток и Запад, односно само Албанија и Бугарија, се тие кои можат нејзе да и овозможат да биде своја, на свое и со своите. 

Претходна статија

Радев: И покрај тоа што и ние имаме проблеми со пожари во земјата, подготвени сме да испратиме помош на РС Македонија

Следна статија

Еве каде гори низ Македонија

Најново од Истакнато