ВМРО-ДПМНЕ БАРА НА ЛИДЕРСКАТА СРЕДБА ОСВЕН ЗА ЗДРАВСТВЕНАТА КРИЗА ДА СЕ ЗБОРУВА И ЗА БУГАРСКИТЕ УСЛОВУВАЊА
ВМРО-ДПМНЕ денеска побара на претстојната лидерска средба покрај за состојбата со здравствената и економска криза, која, како што велат е приоритет број еден во моментов, да се разговара и усогласи заедничка стратегија и документ како одговор на условувањата на Бугарија. Воедно да се разговара и за поставување основи за заеднички усогласена надворешна политика како и стратегија за национална безбедност. Тоа, според опозициската партија, би биле документи од долготраен карактер и ќе бидат обврзувачки за сите идни Влади.
Во врска со настојувањето на СДСМ да се свика Собранието, и тоа што претседателот на Парламентот Талат Џафери се уште не се изјаснил, Потпредседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски истакна дека приоритет број еден во моментот е заштита на здравјето на граѓаните, приоритет број два е заздравување на македонската економија односно прво соочување со големата економска криза, а потоа и заздравување.
Николовски оцени дека е нечовечки и непристојно да се зборува за избори и за датум на нивно одржување во услови кога, како што вели, секој ден има новозаболени и починати од Ковид 19.