ВМРО-ДПМНЕ: Четири години европско управување во општините, фокус на историска победа на локалните избори
ВМРО-ДПМНЕ оценува дека четиригодишниот мандат на нивните 42 градоначалници покажал дека општините може да се управуваат „европски“ – без афери, криминал и злоупотреби на народните пари.
На крајот од четвртата година од локалните избори во 2021 година, партијата порача дека нивните градоначалници реализирале значајни проекти и вложувања во инфраструктурата, образованието и комуналните услуги, со што се потврдило дека, како што велат, може да се обезбеди вистинско управување во интерес на граѓаните.
Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека сериозно се подготвуваат за претстојните локални избори закажани за 19 октомври. Според партискиот лидер Христијан Мицкоски, целта е постигнување на „историски резултат“ со кој ќе се продолжи веќе започнатата реформска агенда.
„Со историска победа само ќе продолжи периодот на реформи и обнова на сите локални самоуправи во Македонија, ќе продолжи периодот на креирање на дополнителна функционалност на општините,“ порача Мицкоски.
Во изминатите четири години, како што наведуваат од партијата, изградено е и реконструирано над 770 километри улици и патишта, во кои се вложени околу 100 милиони евра. Изведени се скоро 47 илјади метри нови водоводи и над 91 илјада метри канализација.
Со цел модернизација на општините, во завршна фаза се седум пазари од затворен тип, како оние во Штип, Велес и Радовиш. Паралелно, реализирани се инвестиции во образованието и младите: реконструирани и модернизирани се околу 400 училишта, завршени или во завршна фаза се 280 спортски игралишта и детски рекреативни терени, а во голем број училишта поставени се фотоволтаици. Дополнително, во повеќе општини обезбедена е бесплатна храна за децата од прво до петто одделение.
„Довербата од граѓаните е силата на ВМРО-ДПМНЕ,“ порачуваат од партијата, најавувајќи дека по очекуваната победа на есенските избори, ќе продолжат со уште позасилено темпо на реализација на проекти кои го подобруваат квалитетот на живот на граѓаните.
