Во Атланта се отвора бугарско-американски културен центар
Во Атланта, главниот град на државата Џорџија денеска се отвора Бугарско-американски културен центар, соопшти бугарско-американското културно друштво „Роса“ во градот. Идејата е зградата да се претвори во дом за уметност, културно наследство и настани во заедницата каде што луѓето ќе можат да се собираат и да ја слават бугарската култура, пренесува БНР.
На почетокот на настанот обраќање ќе има Зоја Милчева, раководител на Конзуларната служба во Амбасадата на Бугарија во Вашингтон, по што ќе се одржи свечен водосвет за здравје и успех.
Ќе биде отворена и изложба на автентични народни везови и слики од бугарски уметници, а фолклорната група „Роса“ во Бугарско-американскиот културен центар ќе се претстави со кратка програма со музичката придружба на Кирил Атанасов и Георги Желјазков.
„По завршувањето на официјалниот дел, ве покануваме на коктел, каде што ќе имате можност да го разгледате центарот и прекрасните слики на Елин Томов и Васил Василев. Дојдете и споделете го овој посебен момент со нас!“, додаваат од Здружението.

