Во Болград се одржа фестивалот „Bolgrad Ethno Fashion 2026“
Седмото издание на Меѓународниот фестивал на националните култури „Bolgrad Ethno Fashion 2026“ се одржа на 12 септември во Болград, Украина, со учество на претставници на бугарската, украинската, гагауската, молдавската и други заедници, соопшти Центарот за култура при Болградскиот градски совет, јавува БТА.
Фестивалот го отвори градоначалникот на Болград, Сергеј Димитриев, а присутните ги поздрави и претседателот на Асоцијацијата на гагауските здруженија во Украина, Јуриј Димчогло.
„Нашиот мултинационален Бесарабски крај повторно ја покажа својата уникатност, самобитност и неповторливата убавина на традициите“, наведоа организаторите.
Во програмата настапија повеќе фолклорни, танцови и театарски состави од Болград и околните населени места, меѓу кои ансамблот „Вдахновение“, фолклорната група „Радост“, составот на Болградската гимназија „Георги Раковски“ и народното театарско студио „Онг’л“.
Дистанционно од Бугарија се вклучи фолклорниот ансамбл „Тунџа“ од Јамбол, додека од Тараклија, Молдавија, учествуваше танцовиот ансамбл „Бугарски извор“.
Во рамките на фестивалот беше организирана и изложба на декоративно-применета уметност, а се собираа и средства за поддршка на Вооружените сили на Украина.
„Фестивалот годинава се одржува во немирно време, затоа посебна благодарност им упатуваме на нашите бранители и бранителки, благодарение на кои имаме можност да ја зачувуваме и развиваме нашата култура“, соопштија организаторите.
Болград е основан во 1821 година од бугарски доселеници и се смета за неофицијална престолнина на Бесарабските Бугари.
