Во Бугарија се одбележува 8 декември- Денот на бугарските студенти
Во Бугарија денеска се одбележува 8 декември-Денот на бугарските студенти. Во 1903 година, 8 декември првпат се одбележува како празник на единствениот тогаш универзитет во Кнежевство Бугарија – Високото училиште, по одлука на Академскиот совет донесена на 30 ноември 1902 година. Во одлуката е утврдено одбележувањето да се одржува на 8 декември, денот кога се почитуваат Светите Седмочисленици, меѓу кои и свети Климент Охридски.
Во 1916 година, 8 декември првпат се прославува како студентски празник. Одбележувањето на овој ден е укинато по 1944 година, а датата е заменета со 17 ноември – Меѓународниот ден на студентската солидарност. На 8 декември 1962 година се обновени чествувањата на Софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“.
Во моментов, патронниот празник на најстарата високообразовна институција во Бугарија се слави на 25 ноември. На 28 октомври 1994 година, Советот на ректорите на високообразовните установи го прогласи 8 декември за неработен ден и за празник на бугарските студенти.

