Во Бугарија започна кампањата „Мали чекори на големи херои“ во поддршка на недоносените деца
Во Бургас започна националната благотворителна кампања „Мали чекори на големи херои“, која оваа година за првпат ја обединува цела Бугарија во поддршка на недоносените деца и нивните семејства. Иницијативата, организирана од Фондацијата „Нашите недоносени деца“, ќе трае еден месец и ќе заврши на 17 ноември – Светскиот ден на недоносените деца, кој годинава за првпат е официјално вклучен во календарот на Светската здравствена организација, јавува Актуално.
Кампањата започна со претставување на уметничката инсталација „Лулка на надежта“, симбол на живот и човечност, која ќе патува низ неколку бугарски градови – Бургас, Стара Загора, Пловдив, Варна и Софија. Граѓаните ќе можат да ја посетат инсталацијата, да се фотографираат со хаштаг #МалиЧекориНаГолемиХерои и да донираат средства во знак на поддршка за најмалите борци за живот.
Во рамките на иницијативата е организирана и онлајн хуманитарна томбола, во која може да учествува секој. Со билет во вредност од 10 лева, учесниците придонесуваат за подобрување на грижата за недоносените деца и нивните семејства, а истовремено имаат можност да освојат една од бројните награди. Собраните средства ќе бидат насочени кон проектите на фондацијата за поддршка на неонатолошките одделенија и родителите на недоносените бебиња.
Во Бугарија секоја година се раѓаат повеќе од 6.500 недоносени бебиња, што ја става земјата меѓу европските држави со највисока стапка на преждевремено раѓање и детска смртност. Многу мајки се соочуваат со анксиозност или депресивни симптоми, а околу 30 проценти од децата се изложени на ризик од долготрајни здравствени и когнитивни проблеми. „Секој мал чекор во животот на овие мали херои е голем подвиг. Затоа ги повикуваме сите да се приклучат кон кампањата и да покажат солидарност,“ изјави Моника Златанова од Фондацијата „Нашите недоносени деца“.
Финалниот настан ќе се одржи на 16 ноември во Bulgaria Mall во Софија. Предвиден е семеен празник со детски активности, музички настапи и средби со експерти од областа на детскиот развој и семејното советување. На настанот ќе бидат објавени и добитниците од онлајн томболата.
Фондацијата „Нашите недоносени деца“ е основана во 2012 година од родители кои лично го искусиле предвременото раѓање. Веќе 13 години организацијата единствено во земјата ја посветува својата работа на поддршка на недоносените деца, донира медицинска опрема, создава семејни простории во болниците и обезбедува психолошка и терапевтска помош за родителите. „Со оваа кампања сакаме да ја обединиме земјата околу добрината и грижата – затоа што секој мал чекор значи голема надеж,“ додаде Златанова.
