Во бугарскиот Парламент ќе се продаваат детски цртежи за поддршка на педијатриските одделенија во Видин, Враца и Ловеч
Светиот синод на Бугарската православна црква и бугарскиот Парламент на 26 ноември ќе отворат добротворна изложба-базар во Софија. Средствата од продажбата на детските творби ќе бидат наменети за педијатриските одделенија во Видин, Враца и Ловеч, соопшти Бугарската патријаршија.
„Собраните средства ќе се искористат за реновирање, медицинска опрема и лекови“, се наведува во објавата на Патријаршијата на Фејсбук.
Изложбата е дел од кампањата на Светиот синод „Деца цртаат за деца“. На продажба ќе бидат понудени наградени творби од годишниот национален конкурс на Синодот „Мојот небесен заштитник / Мојот православен храм“. Посетителите ќе можат да изберат творба и да даруваат износ по сопствен избор во „Кутијата на доброто“ за време на отворањето. Донации се примаат и преку банкарската сметка на кампањата.
Отворањето е закажано за четврток, 26 ноември, во 11:30 часот во источното крило на Народното собрание, на плоштадот „Кнез Александар I“ бр. 1 во Софија. Влезот е од булеварот „Дондуков“.
На отворањето ќе присуствуваат бугарскиот патријарх и софиски митрополит Даниил, претседателката на бугарското Народно собрание Михаела Доцова и мелничкиот епископ Герасим, главен секретар на Светиот синод. Најавено е и присуство на наградените ученици, пратеници, свештеници и директори на болници и училишта.Т
