Во Букурешт им беше оддадена почит на загинатите во Првата светска војна, меѓу нив и 163 бугарски војници
Со официјална церемонија на воените гробишта „Про Патрија“ во Букурешт им беше оддадена почит на бугарските, германските, француските и романските војници загинати во Првата светска војна. На гробиштата се погребани и 163 бугарски војници, јавува БТА.
На церемонијата се обратија амбасадорите на Бугарија и Германија во Романија, Радко Влајков и Ангела Ганингер, кои ја истакнаа важноста на историското сеќавање, помирувањето и зачувувањето на мирот во Европа.
„Секоја година доаѓаме тука не само за да им оддадеме почит на загинатите, туку и да се потсетиме дека мирот и придобивките од него се многу повредни од придобивките од која било војна, дури и победоносна“, изјави бугарскиот амбасадор Радко Влајков.
Тој потсети дека во Првата светска војна Бугарија загубила повеќе од 100.000 луѓе, додека 150.000 биле ранети, од кои половината останале со траен инвалидитет.
Осврнувајќи се на актуелната безбедносна состојба, Влајков ја нагласи потребата од продолжување на поддршката за Украина и дипломатските напори за постигнување праведен и траен мир. Тој го истакна и значењето на соработката меѓу Бугарија и Романија за безбедноста во Црното Море и на источното крило на НАТО.
Германската амбасадорка Ангела Ганингер предупреди на последиците од војните и насилството, посочувајќи дека руската агресија врз Украина донела нови страдања и нестабилност во Европа.
По обраќањата беше одржана молитва за загинатите војници, а пред спомениците на бугарските и германските војници беа положени венци и цвеќе.
На церемонијата присуствуваа претставници на романските институции, дипломатскиот кор и воените структури. Програмата заврши со прием во Амбасадата на Бугарија во Романија.
