Во ист ден панихида за Тома Давидов и кривична пријава за безправна изградба на бугарски споменик
Спомен обележјето на бугарскиот офицер Тома Давидов, кај охридското село Оздолени, стана причина директорот на ЈПКД ДЕБРЦА Димче Андрески, да поднесе кривична пријава за безправно градење против непознат сторител.
Во пријавата за која информира сајтот News1.mk стои дека „на катастарска парцела означена како КП бр. 380/1 за КО Оздолени изградена е градба-бугарски споменик, без соодветна документација односно одобрение за градба “.
Офицерот Тома Давидов од Ловеч загинал пред 119 години во борба со османлискиот аскер, токму кај селото Оздолени. Неговите зборови: „Не сум од Македонија, но за слободата на Македонија сум подготвен секој еден момент да го дадам својот живот “, стојат испишани на стариот бугарски правопис, на самата спомен-плоча, за чија изградба директорот на комуналното претпријатие во Дебрца ја поднел и кривичната пријава.
Вчера токму на местото каде што е изградено спомен-обележјето се одржа панихида за Тома Давидов, на која беа присутни почитувачи на ликот и делото на бугарскиот офицер и припадник на ВМОРО.