Во КИЦ на Македонија во Софија отворена изложба на скулптури на Марјан Стојаноски

//

Во галеријата на Културно – иинформативниот центар на Република Северна Македонија во Софија, синоќа беше отворена изложбата „Панта реи“ на македонскиот уметник и скулптор Марјан Стојаноски, јави дописникот на МИА од Софија.

Ова е прва самостојна изложба на Стојаноски во Софија, која е составена од ротирачки скулптури изработени со метални и дрвени елементи. Делата се создавани од Стојаноски во изминатите две години, а годинава беа претставени во Скопје.

Изложбата ја отвори директорот на КИЦ на Северна Македонија во Софија, Сашко Насев, кој изјави дека скулптурите ја отсликуваат визијата на авторот за светот и неговиот одраз. Стојаноски, пак, рече дека името на неговата изложба „Панта Реј“ доаѓа да покаже дека треба да бидеме поблиску до уметноста, бидејќи таа е ненадминлива и вечна.

На изложбата присуствуваа странски амбасадори и бугарски интелектуалци и пријатели на културата на Северна Македонија.

Стојаноски за МИА, изјави дека по втор пат доаѓа во Бугарија, а прв пат одржува изложба. Посочи дека уметноста може да ги зближи двете соседни земји и да отвори нови хоризонти за уметниците да се запознаат и подобро меѓу себе да комуницираат.



Изложбата во КИЦ на Република Северна Македонија во Софија ќе биде отворена за посетители до 31 август 2022 година.

Стојаноски е роден во Прилеп во 1983 година, по што средното образование го завршил во Уметничкото училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје, а потоа студирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на проф. Ибрахим Беди.

Извор: zoom.mk

Претходна статија

Жена од с.Мралино крадела пари, ја привеле во полиција

Следна статија

Медат Куртовски официјално градоначалник на Маврово и Ростуше

Најново од Вести