| |

ВО МАКЕДОНИЈА ДЕТЕКТИРАН ТИГРЕСТ КОМАРЕЦ, ЗАСЕГА НЕМА РЕГИСТРИРАНИ СЛУЧАИ НА ИНФЕКЦИЈА

На територијата на Република Македонија е детектиран азиски-тигрест комарец. Се врши мапирање на целата територија за да се утврди каде се е проширен овој комарец.

Агенцијата спроведува дополнителни програми за евентуално утврдување дали овој комарец има пренесено болести кај животните, информираше на денешната прес-конференција директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов, заедно со епидемиологот од Институтот за јавно здравје д-р Жарко Караџовски.

-Согласно резултатите што ги имаме добиено, потенцира Атанасов, нема потврда за постоење на такви болести и не постои таква опасност.

Според информациите на Агенцијата, информира тој, овој вид комарец прв пат е детектиран 2016 година само во реонот на Богданци, а оваа година е проширен во Дојран и повеќе општини во Скопје.

Напоменувајќи дека будно се следи состојбата во регионот и во околните држави, како што се Србија, Бугарија, Грција, Албанија и други, информира дека таму има регистрирано поголем број заболени лица, дури и смртни случаи.

Караџовски посочи дека симптоми од убод од тигрест комарец се црвенило на кожата, оток, слабост, малаксаност, главоболка, тегоби, повишена температура, но сепак, потенцира, не значи дека се работи за убод од овој комарец.

Превентива за населението при одење во шумски предели, во паркови, појасни е мачкање на сите откриени површини, како и бела облека за да може да се забележи комарецот ако е на вас.



Слични Објави