|

Во последното деноноќие 50 земјотреси во Романија

Во Романија веќе трет ден се регистрираат земјотреси, од кои два посилни, во понеделникот попладне со јачина од 5,2 степени според Рихтеровата скала и во вторникот со јачина од 5,7 степени.

Само од вчера попладне, од најсилниот што се почувствува дури до Нови Сад во Србија, до утринава, во Романија се регистрирани вкупно 50 земјотреси, од кои повеќето биле со послаб интензитет и се резултат на населувањето на земјата.

Според податоците на веб-страницата на Сеизмолошкиот институт на Србија, по магнитудата 5,7 во Романија имало уште два земјотреси посилни од 4, шест посилни од 3, додека останатите биле над 2 степени.

Романските служби за итни случаи вчера извршија увид на теренот во градот Таргу Џиу и околината по дојава дека има пукнатини на некои згради, но констатирале само помали оштетувања.

Геолошкиот институт на САД USGS соопшти дека земјотресот се случил во округот Горџ, на многу мала длабочина од 10 километри под површината на земјата.

Експертите сметаат дека земјотресите во Романија не се поврзани со смртоносниот земјотрес што пред една недела ја опустоши источна Турција и северна Сирија.

Романија, која е на неколку раседи, е меѓу европските земји најподложни на земјотреси. Во март 1977 година, главно во Букурешт, во земјотрес со јачина од 7,2 степени според Рихтер загинаа повеќе од 1.570 луѓе, а беа повредени 11.000, а потоа беше обновен голем дел од главниот град на Романија, но со многу подобар квалитет.

Слични Објави